25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Возач на „бе-ем-ве“ со полн багажник марихуана бегал од полицијата на автопатот „Пријателство“

Во кооординирана акција на повеќе полициски оддели во текот на вчерашниот ден (15 декември) биле приведени три лица и запленети околу 100 килограми марихуана, по претходно добиени оперативни сознанија од истрагата во врска со камион во кој пред околу еден месец се транспортирала марихуана, а излетал на патот Скопје – Велес.

Како што информираат од МВР, на наплатната станица Сопот на автопатот „Пријателство“ од страна на полициски службеници бил направен обид да се запре автомобил „бе-ем-ве“ со скопски регистерски ознаки управуван од Ј.Б., а како сопатник бил неговиот брат С.Б. од село Горно Блаце. Но, возачот не застанал и се обидел да избега, при што оштетил полициско возило и срушил метален столб на Јавното претпријатије за државни патишта.

По дополнително преземени мерки, автомобилот бил запрен и при тоа уапсени двете лица, а при извршениот преглед во возилото и во багажниот се пронајдени вреќи во кои имало околу 100 килограми марихуана.

Исто така, приведен е и М.И. од Визбегово, кој имал задача да го обезбедува транспортот на дрогата како т.н. „чистач“.

При претрес во домот на Ј.Б. е пронајдена една полуавтоматска пушка, за што исто така ќе биде поднесена кривична пријава.

Истрагата продолжува и се проширува и во координација со велешкото Основно јавно обвинителство, полицијата презема дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот и утврдување на инволвираност на други лица во вршење на кривичното дело.