Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 52 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, информираат од Министерството за здравство.
Oд таму додаваат дека вкупно 437 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
„Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 24 приеми и тоа пет пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид-центарот на Клиниката за Неврологија, двајца болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, исто толку и на Клиниката за гастроентерохепатологија и на Клиниката за очни болести, тројца болни на Клиниката за Нефрологија и седум во ковид-центарот на Клиниката за уво, нос и грло. Во ковид-центарот во болницата 8 Септември имало 13 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника имало нови 11 приеми во тек на вчерашниот ден“, се наведува во соопштението.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 14 пациенти, на Клиниката за неврологија 31 болен, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 42 пациенти со симтоми на корона вирусот.
На Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 22 лица, во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, на Клиниката за очни болести 12 пациенти, а на Клиниката за уво нос и грло 12 болни.
Во 8 Септември има вкупно 105 пациенти, на Клиниката за инфективни болести лежат 152 болни додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 23 пациенти, од кои 10 деца и 13 возрасни.
„Вкупно 437 пациенти потврдени и сомнителни за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка“, посочуваат од ресорното Министерство.
И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 70-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во 8 Септември.