Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше брифинг со амбасадорите на земјите учеснички во ОБСЕ, акредитирани во земјата, на кој беше поднесената кандидатура на Република Северна Македонија за претседавање со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година.
„Имаме визија преку нашето претседателство да создадеме можност за етаблирање на Република Северна Македонија како активен фактор во сферата на регионалната и пошироката безбедност и процесите на мирољубива соработка во Европа, што секако е наша заложба и во контекст на актуелното членство во НАТО и идното во ЕУ. Претседавањето со ОБСЕ ќе придонесе кон едно ново, подобро меѓународно позиционирање на Република Северна Македонија, како конструктивен актер и контрибутор во промоцијата и заложбите на ОБСЕ, концептот на сеопфатната безбедност преку трите димензии во кои организацијата дејствува“, потенцира Османи.
Османи информира дека Северна Македонија во последните неколку години постигна голем напредок во насока на целосно почитување на заедничките вредности врз кои почива ОБСЕ, како што се човековите права, демократијата и владеењето на правото, како и во развојот на моделот на мултиетнички односи, што е констатирано во сите релевантни меѓународни извештаи.
Османи информира и дека е доставено официјално писмо за кандидатурата на РСМ за претседавање со ОБСЕ во 2023 година до премиерот и министер за европски и надворешни работи на Албанија и претседавач со ОБСЕ, Еди Рама, со цел донесување формална одлука за претседавањето на претстојниот министерски состанок на ОБСЕ во Тирана, што ќе се одржи на 3-4 декември и на кој очекуваме таа да биде потврдена.