Предлог-буџетот е огромен, нереален и неразвоен. Овој буџет е строго партиски, истакна Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Според него, буџетот покажува дека СДСМ не планира да ја помага економијата, не планира да помогне во реалниот сектор и на граѓаните, не планира и не знае како да се справи со катастрофалните последици од ковид-кризата, но затоа многу добро знае како да се задолжи уште повеќе врз грбот на граѓаните.
„СДСМ и со овој буџет повторно ги намалува и онака малите средства за капитални проекти. Тие за наредната година предвидуваат 10 милиони помалку за капитални проекти. Чувството и фактот што го имаме сите граѓани на Република Македонија дека за време на владеењето на СДСМ никогаш и ништо не се гради, а парите ги нема, очигледно ќе продолжи и во наредната година. Во услови на криза СДСМ реши да крати и да удри и по грбот на земјоделците. Тие предвидуваат намалување на средствата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Токму СДСМ на земјоделците им ветуваше мед и млеко, а сега гледаме дека и нив ги изигра и излажа“, рече Мицевски.
Тој вели дека во буџетот нема пари за помош на фирмите, за помош на земјоделците, за опремување на медицинските лица во справуавње со Ковид-19, а содржи непродуктивни расходи.
„Расходите за плати во 2021 година се 20 милиони евра или 4,1 % повисоки од оние за 2020 година иако министерот најави дека нема да има зголемување на платите во јавниот сектор. Повторно лага. Исто така, расходите за стоки и услуги растат за фантастични 3,5 милијарди денари или 18 % во однос на претходната година. Во услови на криза растот на овие расходи буквално значи расфрлање со парите на граѓаните за непотребни работи на сметка на оние на кои им се далеку попотребни“, рече Мицевски.
Тој нагласи дека досега СДСМ потрошил многу пари, а не направил ништо.
„Потрошија три буџети досега, а не изградија ништо. Го нема клиничкиот центар во Скопје, ги нема ниту автопатите што ги ветија“, заклучи Мицевски.