14.8 C
Скопје
26. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Битиќи најави зголемување на трговската размена со Словенија во постковид-периодот

Вицепремиерот зaдолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со новоименуваниот словенечки амбасадор во Северна Македонија, Милан Предан, со кого разговараше за мерките за справување со економската криза предизвикана од коронавирусот, економската соработка помеѓу двете земји и европските интеграции на нашата земја.

Во своите воведни излагања вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Предан се осврнаа на актуелната ситуација предизвикана од Ковид-19 во двете земји и констатираа дека имплементирањето на мерките за зачувување на здравјето на граѓаните и за справување со економските последици е врвен приоритет за двете земји. Воедно, истакнаа дека очекуваат зголемување на трговската размена помеѓу двете земји и побрзи стапки на економски раст во постковид-периодот.

Амбасадорот Предан посочи дека Северна Македонија може да очекува поддршка од Словенија во спроведувањето на реформите во земјата во насока на евроинтеграциите, како и споделување искуства за проекти со кои земјата би аплицирала во инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ во вредност од речиси 9 милијарди евра.

Битиќи нагласи дека Словенија, која по површина и број на жители е слична на Северна Македонија, претставува одличен пример на земја што применува стратегија на долгорочно планирање и спроведува политики за рамномерен регионален развој. Вицепремиерот информира дека Владата почна со креирање национален план за развој, своевидна долгорочна стратегија, која треба да обезбеди инклузивен, одржлив и побрз економски развој, како и рамномерна распределба на средствата за повисок животен стандард и подобри услови за живеење на сите граѓани во земјата.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Предан се согласија да продолжат со меѓусебна комуникација во насока на унапредување на политичките и економските односи помеѓу двете земји.