23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Ангеловска-Бежоска: НБРМ одговори на кризата со олабавување, а не заострување на монетарната политика

Oва е прва криза во којашто првичниот одговор на нашата централна банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика. На пример, за време на глобалната финансиска криза понискиот прилив на капитал во македонската економијата и тогашната зголемена склоност на економските агенти кон еврото наметнаа зголемување на основната каматна стапка за да се стабилизираат очекувањата, но тоа доведе до пораст на каматните стапки на кредитите и забавување на кредитната поддршка. Овој пат е поинаку, зашто ковид-кризата ја дочекавме со високо и соодветно ниво на девизни резерви, посилни фундаменти на економијата и отсуство на нерамнотежи, што се гледа преку солидната надворешна позиција на економијата и умерената инфлација.

Ова меѓу другото го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на гувернерската панел-дискусија на е-конференцијата „Ковид-19: влијанието врз економијата и политиките на централните банки“, организирана од Лондонската школа за економски и политички науки и Банката на Албанија.

Во рамките на своето излагање, Ангеловска-Бежоска се фокусира на политиките на централните банки од регионот во текот на актуелната криза, осврнувајќи се и на ефектите постигнати досега, како и на предизвиците за монетарната политика за натамошниот среднорочен период.

„Со оглед на сериозноста на шокот предизвикан од пандемијата, со научените лекции од глобалната финансиска криза и со достапноста на веќе подготвениот неконвенционален пакет алатки, овој пат во регионот монетарната реакција беше побрза и посилна, а и подобро усогласена со фискалната политика“ – посочи гувернерката.

Коментирајќи ги ефектите од преземените монетарни мерки, Ангеловска-Бежоска нагласи дека меѓу другото, придонесоа да не се зголемат трошоците за финансирање, односно каматните стапки и натаму се намалуваат, а се задржа и солидната кредитна поддршка. Притоа, кредитниот раст продолжи да расте стабилно во речиси сите земји од регионот, со просечна стапка од околу 6,2%, а во нашата земја, како што посочи гувернерката, дури и забрза и изнесува 7,3%.

Инаку, на панел-дискусијата покрај тоа што беше истакнато дека актуелната состојба како во глобални рамки, така и во регионот создава изразена неизвесност, особено поради времетраењето на здравствената криза, беше разговарано и за повеќе сегменти на кои носителите на политиките во регионот ќе треба да им посветат посебно внимание во следниот период. Притоа, беше нагласена и потребата од натамошно зајакнување на економските основи и на отпорноста на економиите од идни шокови, особено преку продолжување со структурните реформи.

Во рамките на е-конференцијата, гувернерката размени мислења со колеги од другите централни банки и за низа други актуелни прашања поврзани со економските предизвици од ковид-кризата, вклучително и за значењето и важноста на пристапот до девизна ликвидност во евра којшто на Народната банка ѝ беше овозможен од страна на Европската централна банка.