20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Обвинителството отвори истрага за Лидија Димова за злоупотреба на европските фондови

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага за директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност „Еразмуз+“, Лидија Димова, и три други лица, осомничени за злоупотреба на милиони денари од европски фондови.

Четворицата се товарат дека причиниле штета од големи размери на доверените средства на европската заедница во вкупен износ од 25.334.543 денари.

„Постапувајќи по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица. Три лица како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело измама на штета на средства на европската заедница од член 249-а од Кривичниот законик, првоосомничената сторила и продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 5 и став 3 во врска со став 1, а четвртото лице е осомничено дека сторило кривично дело несовесно работење во службата предвидено и казниво во член 353 -а став 1 од Кривичниот законик“, соопшти Обвинителството.

Во текот на денешниот ден Обвинителството до Основниот кривичен суд – Скопје достави предлог за изрекување мерки на претпазливост за тројца осомничени.

Односно, заради обезбедување присуство и за непречено водење на кривичната постапка, Обвинителството му предложи на судот на осомничените да им определи мерки на претпазливост со обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.

Спонзорирано: