25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ продолжува да дејствува опасно за јавното здравје

„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во време кога расте бројот на инфицирани со коронавирусот, а болниците се полнат, продолжува да ја злоупотребува сериозна здравствена ситуација за дневнополитички поени. Од почетокот на корона-кризата во земјата од безидејната ВМРО-ДПМНЕ не видовме ништо друго, освен неконструктивно дејствување, опструкции и критики“, соопшти СДСМ.

Според партијата, во деструктивноста предничи тоа што заменик-министерката за финансии во техничката влада цело лето го кочеше заемот од Светската банка од 90 милиони, наменет за поддршка на здравствениот систем и подготовка на дополнителни болнички капацитети. Да не беа нивните блокади, досега болниците ќе беа подобро опремени и подготвени за есенскиот бран.

„Цела есен, во време на сериозен бран на коронавирусот, раководството на ВМРО-ДПМНЕ организира масовни собири за спас на фотелјата на Христијан Мицкоски, на кои масовно се прекршуваат мерките за заштита од коронавирусот. Колку на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски им е битно здравјето на граѓаните говори фактот што бараа предвремените избори да се одржат есенва, колку навистина се загрижени за коронавирусот говори фактот што во Собранието ги опструираат измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, кои се потребни за зголемување на превенцијата од коронавирусот. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не знаат за ништо друго, освен деструкција и дејствување спротивно на интересите и здравјето на граѓаните. Затоа уште долго ќе останат во опозиција“, се вели во соопштението.