Претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски во Касарна „Илинден“ – Скопје, присуствуваше и се обрати на церемонијата на испраќање на првиот контингент на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата предводена од НАТО – КФОР, на Косово.
„Вие сте дел од нашата прва ротација во оваа наша прва мисија во која учествуваме по добивањето на статусот полноправна членка во Северноатлантската алијанса и тоа нè прави сите нас особено горди. Ова наше учество во мисија предводена од НАТО е јасен показател за нашата намера да бидеме активен и ангажиран член на Алијансата и за нашата намера да придонесуваме за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко.
Уште пред 20 години кога станавме земја-кандидат знаевме дека членството во најмоќната воена алијанса претставува огромна предност за нашата сигурност и безбедност, меѓутоа носи и обврски и одговорност.Уште пред да станеме членка на НАТО, нашата армија во сите претходни мисии во кои учествуваше покажа дека може да одговори и на најкомплексните барања и да ги изврши сите поставени задачи. Не постои ниту една моја средба во сите овие години со високи претставници на НАТО, и цивили и генерали, на кои тие не зборуваа со посебен респект за квалитетот на македонските контингенти и во Авганистан, каде што го чувавме седиштето на мисијата во Кабул и за нашето учество во борбени мисии од кои многу наши војници се вратија со највисоки странски одликувања за покажаната храброст“, рече тој.
Според Пендаровски, иако сме членкa на НАТО од март годинава, нашиот рејтинг во Алијансата е висок, а заслугата ви припаѓа, пред сè вам, почитувани војници и старешини, затоа што во континуитет покажувате врвна професионалност и целосна посветеност на оваа благородна професија.
„Затоа, денеска немам ниту најмал сомнеж дека и во претстојната мисија, вие, припадниците на Армијата, ќе ги задржите највисоките стандарди и достојно ќе ја претставувате својата татковина.Мисијата КФОР започна пред 21 година како одговор на огромната воена и хуманитарна криза, и таа мисија донесе мир и безбедност за граѓаните на Косово, но и стабилизација на целиот наш регион. Нашето идно присуство на Косово со 44 војници што ќе биде наше најбројно учество во моментов споредено со останатите контингенти кои ги имаме во Авганистан, Либан и во Босна и Херцеговина доволно зборува за значењето кое ние ѝ го придаваме на оваа мисија“, истакна преседателот.
Според него, Република Северна Македонија стана пример како со јасна политичка волја и стратешка визија за иднината на државата и народот, може да се исчекори напред и од држава на која ѝ беше потребна надворешна асистенција и помош, да се трансформира во држава која е фактор на стабилност во регионот и почитуван сојузник во најсилната политичко-воена алијанса во историјата на светот.
„Ова е заслуга на сите досегашни политички гарнитури кои немаа дилема за насоката по која треба да се движи земјата и постојано вложуваа во опремување и модернизација на армијата.
Тоа е заслуга и на војниците и старешините кои во континуитет вложуваа во своето усовршување, но пред сè е резултат на волјата на нашите граѓани кои во огромен број ја поддржуваа стратешката цел да станеме дел од овој воено-политички сојуз.
Иако времето е кусо, придобивките од членството во НАТО се веќе видливи во покажаната солидарност за време на пандемијата, како и во заедничкото спротивставување на хибридните закани кои стануваат се повидливи. Се разбира, никој нема илузии дека членството во НАТО ќе ги реши сите наши проблеми, но, без сомнение, станува збор за клучна претпоставка за понатамошен развој и просперитет на земјата“, додаде Пендаровски.