На денешната собраниска расправа за финансирање на буџет на која се коментираше за ребалансот на буџетот расправаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната собраниска комисија за финансирање на буџет рече дека лично тој смета дека вака концепираниот ребаланс на буџетот нема да ги даде одговорите на сите отворени прашања коишто ги има македонското општество, особено македонската фискална сфера.
„Рековме дека во првите шест месеци од оваа година сме се задолжиле една милијарда, каде и дали помогна тоа, ќе цени народот, а тоа ние можеме да го видиме преку мерливите критериуми коишто излегуваат секој ден преку бројот на лица коишто се невработени и прелу начин на кој галопирачки расте сиромаштијата. Имаме зголемување на јавниот долг за 10.4% за една година, а растот на јавниот долг во времето од 2006 до 2016 година, каде што имавме две големи светски и европски должнички кризи и една државна силна политичка криза, порасна само 15.6%, односно за десет години 15.6%, а за една година 10%. СДСМ во овие години имаше 4 министри за финансии, почнувајќи од професорот кој сега е иселен и оние негови идеи за прогресивни даноци, па потоа враќање назад на некои чудни економски политики кои не беа сфатени ниту прифатени од ниту еден чинител во стопанството. Понатаму, едно време Зоран Заев ни држеше лекции како ќе се подобрела економијата и морам да признаам дека навистина ни одржа лекција. Ова е лекцијата којашто тој човек најдобро знае да ја направи, економски пропаст и амбис. Потоа ја имавме Нина Ангеловска и на крај е министерот Бесими, којшто во првата недела од својот мандат ‘нè израдува’ со бројката дека 920 милиони евра сме во дефицит“, истакна пратеникот Стојаноски.
Пратеникот Бране Петрушевски посочи дека владата ги доведе граѓаните во доста лоша економска состојба, живеат на работ на егзистенција. А Владата енормно се богати на грбот на народот.
„Власта ги дотера земјоделците до питачки стап. Знаете колкава мака вложуваат земјоделците во оваа држава, маката на крајот им е неисплатлива. Од година во година државата мора да интервенира со големи финансиски средства за да ги доведеме во нормална економска ситуација“, истакна Петрушевски.
Петрушевски додаде дека власта направи од земјоделците социјални случаи. „Државата свесно го прави тоа, за да може власта да има влијание врз таа категорија граѓани. Тие ќе бидат зависни од финансиската поддршка што ќе им ја даде власта, која подоцна ќе манипулираат со нив конкретно пред избори“, нагласи Петрушевски.
Петрушевски посочи дека субвенциите на земјоделците доцнат.
„Катастрофално ни осиромашува народот. Ние имаме сериозен економски проблем во државата. И проблемот не е само предизвикан од ковид-кризата. Генерално во државата имаме проблем со сиромаштија“, потенцира Петрушевски.