Во Скопје денеска се одржува состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата Берлински процес, како и претставници на ЕУ, чиј домаќин е Република Северна Македонија, а со кој ќе сопретседаваат министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, и министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Христо Терзијски.
„Првпат во историјата на претседавањето со Берлинскиот процес годинава имаме заедничко сопретседавање на земја членка на Европската Унија и на земја од регионот од Западен Балкан, што се перцепира како симбол за преземање поголемо сопствеништво врз процесот од страна на регионот“, соопшти МВР.
Берлинскиот процес, промовиран во 2014 како иницијатива на германската влада, е единствен процес на највисоко политичко ниво, кој исклучиво се фокусира на шесте земји од Западен Балкан кои не се членки на Европската Унија и претставува поттик во подготвувањето на овие земји за идното членство во ЕУ преку справување со некои од клучните структурни проблеми во регионот.
Состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите од иницијативата Берлински процес, кој се одржува на тема „Национална, прекугранична и безбедност на луѓето во време на пандемија: стратегија, координација и синергија помеѓу ЕУ и Западен Балкан“, ќе се реализира преку видеоконференција во организација на Министерството за внатрешни работи.