Во првите шест месеци од ова година вкупно се собрани 20.692 единици крв, 165 единици тромбоцитен концентрат и 61 единица конвалесцентна плазма, велат од Министерството за здравство, изразувајќи благодарност до сите крводарители, дарители на тромбоцити и дарители на конавелесцентна плазма. Институтот за трансфузиона медицина порачува: Дарувај, биди хуман, биди херој!
„Во насока на олеснување на пристапот ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина заедно со Црвен Крст на Република Северна Македонија се реорганизираа во однос на крводарувањето во земјата, со цел да се запазат највисоките мерки за заштита на карводарителите и здравствениот персонал, а притоа да се обезбеди континуиран прилив на крвни единици за одржување стабилни количини на крвни продукти. Институтот е во постојана комуникација со Министерството за здравство за состојбата со крвни продукти, а исто така постојано ја следи епидемиолошката состојба во земјата за безбедно спроведување на крводарителските акции, избегнувајќи ризични подрачја опфатени со поголем број на инфицирани.
Во изминатите шест месеци успешно се надмина состојбата, односно се обезбеди континуиран прилив на крвни единици со што се избегна можноста да чуствува недостаток на крвни продукти за потребите на витално загрозени пациенти. Тоа не беше случај скоро со сите земји околу нас и подалеку кои јавно се произнесеа за видниот недостаток на крвни продукти“, се наведува во соопштението.