Соопштение на СДСМ:
Демократскиот и европски концепт на СДСМ е концепт кој Република Северна Македонија ќе ја води напред кон Европа и кон сигурна иднина, правда и уште поголема слобода.
На последните избори граѓаните недвосмислено се определија за овој концепт и не дозволија државата да се враќа назад преку автократските и режимски политики на ВМРО-ДПМНЕ кои водат кон изолација, опасност и неизвесност.
Граѓаните сакаат конкретни решенија, мерки и политики кои ги следат нивните потреби, сакаат планови за справување со КОВИД-19, за повисоки плати, за ред и стандарди во државата. СДСМ има решенија и има капацитет нив да ги реализира уште подобро и уште повеќе.
За само 30 месеци успеавме да реализираме нешто што не се случи цели 30 години, а беше стратешка заложба на граѓаните и на државата, во наредните четири години ќе постигнеме уште повеќе и ќе обезбедиме брз напредок и развој, праведна држава и правда за сите.
Членството во НАТО е завршена работа, исто е и со ЕУ. Владата предводена од СДСМ ги започнува преговорите за полноправно членство во ЕУ и за четири години ќе отвориме 80 проценти од поглавјата.
Веднаш по Илинден почнуваат преговорите за идно коалицирање. СДСМ е голема, широкограда и отворена партија и ќе разговараме за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот, слободарскиот, напредниот, концептот и патот што Северна Македонија го оди како земја членка на НАТО.
Структурите кои заговараат идеи различни од демократскиот и европскиот концепт, не може да бидат дел од идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални.