26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев од Битола: Бараме поддршка затоа што ја заслуживме, заедно можеме

Од последната предизборна трибина на СДСМ од Хераклеја кај Битола, лидерот Зоран Заев испрати победничка порака дека заедно со граѓаните во следните четири години ќе покажат дека навистина знаат и можат многу повеќе од тоа што го сработија во првиот, скратен мандат.
 
„Бараме поддршка од Битола и од сите граѓани во државата за 20 000 денари минимална плата, за 34 000 денари просечна плата, за раст на пензиите, за 260 километри автопати, 300 километри експресни патишта,  за 600 000 милиони евра поддршка на македонското стопанство, за 200 милиони евра субвенции и рурален развој, за 100% зелена нафта, за 10 проценти повисока плата во здравството во секоја од следните четири години за лекарите и сестрите да останат во нашето здравство, за младите да останат дома и да имаат младински додаток и да им го враќаме персоналниот данок’- набројуваше Заев дел од плановите за четиригодишниот мандат.
 
Во еуфоричната атмосфера на Хераклеја Заев не пропушти да повика на поддршка од граѓаните и за останатите проекти кои ќе се реализираат во целост.
 
„Бараме поддршка за нови 60 000 работни места во првите три години од мандатот, за 60 000 деца со детски додаток, за 70 000 деца со образовен додаток, за социјална помош на 34 000 семејства, за сериозна реформа и прочистување на судството, за реформирано образование кое ќе продуцира квалификувани кадри според потребите на пазарот… Бараме поддршка да враќаме пари кон народот. Бараме поддршка затоа што покажавме дека сме кадарни, покажавме љубов и покажавме дека ја заслужуваме вашата поддршка“- порача Заев пред битолчани и ги повика сите гласачи да не се колебаат и да изберат патоказ на државата.
 
Тој ги повика и неопределените дека ако ги игнорираат изборите ќе му помогнат на режимот, затоа, за целосно уништување на режимските остатоци непходно е што поголем број граѓани да ја изберат европската опција под реден број 3.