Секогаш во средиштето на збиднувањата...

До крајот на јули може да се аплицира за добивање субвенции за земјоделството

Почна аплицирањето за добивање субвенции за земјоделството, а крајниот рок за доставување на барањата е до 31 јули.

„Во овој период ќе се поднесуваат барања за директни плаќања за растително производство, и тоа за полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади. Исто така, до крајот на месецот барање за добивање финансиска поддршка може да достават и сите што се занимаваат со сточарско производство, односно одгледуваат говеда, овци, кози, пчели, свињи, а може да се аплицира и за финансиска поддршка за заклани животни во кланица“, информира директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски.

Барањата за добивање финансиска поддршка се поднесуваат по електронски пат, самостојно од страна на барателите со регистрирање во системот на веб-страницата на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk. Оние земјоделци што не знаат сами да поднесат барања или имаат потреба од помош при создавање електронски барања, може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.

„При барање помош од страна на вработените во подрачните единици, барателите да користат заштитни маски и средства за дизинфекција сè со цел превенција и заштита од вирусот Ковид-19“. Апликантите пред да ги потпишат поднесените барања, да направат проверка, дали сите мерки и култури им се впишани. Доколку апликантите увидат дека направиле пропуст или внеле погрешни податоци или, пак, увидат потреба од измена поради несоодвествување со фактичката состојба, барањето може да го повлечат или да ги изменат во рок од 30 дена од денот на поднесувањето“, апелира Бабовски.