„Овде во Крива Паланка и на целиот Источен регион му одржавме лекција на ВМРО-ДПМНЕ како е да се делува патриотски , како работиме за секој граѓанин, како да бидеме достапни за сите. Како може да работиме со срце, да градиме мостови и да градиме патишта. Да создаваме безбедна и извесна иднина и затоа на 15 јули победата овде, победата во ИЕ 3 ќе биде огромна“, порача Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител во ИЕ “ на Коалицијата „Можеме“, на трибината што вечерва се одржа во Крива Паланка.
Тој нагласи дека Изборната листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 3, што тој ја предводи нема ниту еден скандал, нема ниту една афера, нема ниту една дамка.
„Истокот беше регион кој целосно беше запоставен, 11 години. Истокот даваше поддршка на Влатко Ѓорчев, на Илија Димовски, еве сега се кандидира Игор Јанушев. Но, тие немаат една чешма направено во Крива Паланка. Немаат ништо направено за Истокот. Денеска немаме конкуреција на тоа кој ќе понуди подобри проекти, кој ќе понуди подобра и извесна иднина, тоа е така затоа што имаме кандидати и кандидатски листи на на истото нереформирано ВМРО-ДПМНЕ. Имаме кандидатска листа која е напишана во Будимпешта“, рече Николовски.
Тој потсети дека станува збор за луѓе кои не се радуваа и не аплаудираа кога Северна Македонија стана членка на НАТО, не гласаа за Законот за јавно обвинителство, кое е темел на реформите во правосудството, не поддржаа ниту една добра мерка, не гласаа за зелена нафта, за повисоки пензии, за сголемување на минималната плата.
„Тие се научени на Субрата рој политики, на Белизе политики за да ги изнесат парите надвор од државата. Истиот Јанушев со 20 афери зад него, кој удира боксови на жени, го слушавме како се местат избори, како се исклучуваат лифтови. Тие сакаат да не вратат назад во стравот, во неизвесноста, партизирани судии, во мрак и темнина. Тоа е понудата на фејк-њуз ВМРО-ДПМНЕ“, рече Николовски и нагласи дека 15 јули ќе биде не само убав и светол ден, туку ден кој ќе донесе победа за граѓаните.