„До крајот на мандатот минималната плата ја креваме на 20.000 денари. Тоа ќе биде плата повисока за 120% од оние 9000 денари на ДПМНЕ во 2016 година. Просечната плата до крајот на мандатот ќе ја кренеме на 34.000 денари. Покажавме дека знаеме, умееме и можеме да ги качуваме платите многу побрзо од опонентите. Во следните 4 години тоа ќе правиме уште повеќе и уште подобро“, најави претседателот на СДСМ Зоран Заев, на денешната прес-конференција во Штип.
Тој најави и зголемување на повратот на данокот за граѓаните од мерката „Мој ДДВ“.
„Повратот на пари кај граѓаните продолжува уште повеќе.Го креваме прагот за месечен поврат на ДДВ од 600 на 800 денари месечно. Стотици илјади граѓани ќе продолжат да бидат фискални инспектори. Пензиите ќе растат заедно со платите, постојано. Најниските пензии ќе ги покачиме за најмалку 21 проценти“, рече Заев.