23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Владата: Се очекува ДИК да постапи во согласност со Уставот

Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, заедно со министерката за правда, Рената Дескоска, министерот за здравство, Венко Филипче, и со генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски, денеска одржа состанок со членовите на Државната изборна комисија.

На состанокот не присуствуваше претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, иако средбата е организирана врз основа на негово писмо, во кое тој, во име на Комисијата, побара состанок во Владата и таа се одржа со другите членови на ДИК предводени од потпретседателката Дитмире Шеху.

Потпретседателката на ДИК, Шеху, информира дека денеска, во согласност со нејзините овластувања, заедно со мнозинството членови на ДИК, ќе иницира седница, на која ќе се повика на заклучокот на Kомисијата од 22 март, во кој се вели „сите изборни дејства што се преземени во согласност со одредбите на Изборниот законик до 22 март 2020 година се сметаат за важечки и дека сите преостанати дејства што произлегуваат од Изборниот законик, ќе бидат предвидени во ревидираниот роковник, кој ДИК ќе го донесе веднаш по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на новата уредба на Владата за изборниот процес“.

На состанокот премиерот Спасовски истакна дека во очекување на состанокот на ДИК, на кој ќе се потврдат одредбите на заклучокот на комисијата од 22 март, Владата е веќе подготвена да ги исполни сите обврски во врска со организацијата и спроведувањето на изборите вклучувајќи ги и препораките за безбедно спроведување на изборниот процес од здравствен аспект, врз основа на кои ДИК ќе подготви упатства.