Јанушев го обвини Пендаровски дека носи одлуки под притисок на Заев.
ВМРО-ДПМНЕ бара од претседателот Стево Пендаровски да ја продолжи вонредната состојба поради зголемениот број заболени и починати од ковид-19. Оценуваат одлуката за непрогласување вонредна состојба на Пендаровски е политичка, донесена под притисок на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Затоа претседателе Пендаровски единственото што ви преостанува поради доброто на граѓаните, поради вашата уставна обврска да и служите на Македонија и поради вашата одговорност да ги заштитите граѓаните мора да ја продолжите вонредната состојба. Издигнете се над притисоците од Заев, кој во ужасот низ кој поминува народот го гледа само својот спас од одговорност и жилаво и нервозно се бори за тесен пораз газејќи над илјадници судбини. Немате обврска да му служите на Заев, но имате обврска, уставна и морална да го заштитите здравјето на граѓаните. Продолжете ја вонредната состојба, бидејќи кариерата на Заев завршува, но да спасиме да згаснуваат животи на недолжни граѓани“,
рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев на денешната прес-конференција.
Тој кажа дека како партија се отворени за консензус за датумот за избори и разговори без разлика во кој формат би биле средбите, но оти за нив е најважно здравјето на граѓаните.
„Лицитирањето со датуми во овој момент кога имаме огромен раст на новозаболени и на починати е всушност лицитирање со здравјето на луѓето. Тоа нема да го правиме… И додека се бројат починатите СДСМ и Заев водени од желбата за личен спас и одбегнување на одговорност брифираат датуми за избори, во исто време кога се колнат во консензус носејќи еднострано одлуки за избори, се надеваат и си поигруваат со судбините и животите на луѓето“,
рече Јанушев додавајќи дека за да излезат со датум треба да има нормализирање на состојбата.
Во однос на ситуацијата со коронавирусот во земјава, Јанушев ја нарече земјава „балкански Вухан“, како резултат на, како што кажа, немањето капацитет на Владата за справување со здравствената криза.