Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Ќе се врати ли полицискиот час?

фото Centar.mk/Arhiva

Се уште нема одлука во однос на можноста за враќање на рестриктивните мерки, кои што ги најавивме во текот на вчерашниот ден, во смисла на тоа дека Комисијата за заразни болести ги разгледува. Ги следиме информациите, бројките од денеска, ќе ги следиме и во текот на утрешниот ден или во четврток ќе се донесат соодветни одлуки.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека Комисијата за заразни болести интензивно работи, анализира податоци, секој изминат ден кумулативно, две консекутивни недели и врз основа на тоа се димензионираат мерките. Според него, во тек се анализите на новодијагностицираните пациенти и се прават анкети во скопските општини и во регионот на Куманово.

-Засега нема податок дека е нешто непознато или нешто може да изнензади во смисла на нов кластер. Но внимателни сме одлуката ќе ја носиме во следните неколку денови, сигурно до четврок имајќи предвид дека и во петок има празник, во кој што може да се случи граѓани да не ги почитуваат превентивните мерки. Во однос на тоа како ќе се изведе, сигурно добро ќе се разгледаат регионите, па потоа ќе разговараме со одговрнони лица во МВР, кои што евентуално би го организирале сето тоа,. Знаеме дека е покомплицирано во рамките на еден голем град како Скопје. Тоа беше сосема поразлично во Дебар и во Куманово. Сега засега нема таква одлука. Јас верувам дека има можност да се избегне, но не можам тоа да го тврдам. До четврток ќе се донесе дефиниотивна одлука за тоа како ќе се организра движењето во текот на викендот, појасни Филипче на новинарско прашање.

Во Комисијата за заразни болести, нагласи, членуваат врвни експерти кои имаат огромно искуство, и во својот професионален делокруг на делување како епидемиолози, инфектолози, интернисти, лекари, кои искуството го црпат и од справувањето со претходни епидемии и пандемии, како онаа на САРС, кога се изготвени и многу протоколи.

– Секогаш со препораки и соработка со Светската здравствена организација, протоколите се користеа и на почетокот на оваа епидемија, кај нас нормално се модифицираа согласно карактеристиките на болеста но нивната експертиза помогна многу да се имплементираат, да дадат некаков соодветен тајминг и постептено да се олабават согласно податоците, бројките кои секојдневно се анализираат. Многу пати досега спомнавме дека и граѓаните се еден од најважните делови од целокупниот систем, влогот на граѓаните, поддршката на институциите се клучни во справување како со други така и со оваа кризна состојба која го погодува целото општество. Сите сме засегнати, и како поединци, и како држава, и сите придонесуваме во решавањето на овој проблем, истакна Филипче.

Тој упати пораки до граѓаните дека игнорирањето на вирусот и негирањето дека тој постои, нема да помогне во надминувањето на оваа состојба.

– Секаде во светот станува збор за имплементирање на истите мерки за заштита на населението и елиминирање или намалување на ризикот од ширење на заразата. Маската, дистанцата, редовното миење, дезинфекција на раце, се единствениот механизам што може да не заштити и како поединци, и како општество. Граѓаните кои се одговорни, кои доследно се придржуваат до овие мерки, треба да бидат пример за сите останати поради тоа што рестрикциите и повторното затворање се непожелни, и ние може да ги избегнеме само доколку се однесуваме дисциплинирано и ги прифатиме овие нови правила што впрочем не се само во нашата земја, туку и во сите други земји во регионот, во Европа, практично во целиот свет, додаде Филипче.