Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Заврши првата фаза од реконструкцијата на Пластичарска

Со нанесување на завршниот асфалтен слој, викендов, екипите на Град Скопје ја финализираа првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, познатата Пластичарска улица. Скопје добива уште една современа сообраќајница која има 4 сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило.

„Изминатиов период интензивно, со засилено темпо и ноќно работење се реконструираше и прошири овој булевар којшто е еден од најважните сообраќајници во Скопје бидејќи поврзува 4 општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош. Затоа, оваа реконструкцијата е посебно значајна и од особен интерес за граѓаните кои во голем број секојдневно се движат и поминуваат во овој фреквентен дел од градот“ соопшти град Скопје.

Градежните работи викендов се изведуваа на потегот од крстосницата со ул. Самоилова во близина на Амбасадата на САД до влезот во касарната „Илинден“, а со реконструкцијата на улицата од клучката Бит-пазар во вкупна должина од 1.440 метри, Скопје доби уште едно ново булеварско решение.

На улицата досега беше изведена комплетно нова атмосферска канализација која не постоеше, а се изврши и целосна реконструкција и на другите подземни инсталации.

Во тек е проектирањето на втората фаза која ќе опфати градежни активности на потегот од влезот во касарната „Илинден“ до спојувањето со булеварот Словенија, како и изградба на голема клучка кај Тетовска трошарина.