16.8 C
Скопје
7. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Заев со уште една добра вест за бизнис секторот и работниците – Следува трет пакет мерки

Државата постои за граѓаните и во овие услови на криза спроведува такви рестриктивни мерки што ќе дадат импулс на економијата и ќе ја држат пандемијата под контрола, што се потврува и со проекцијата на Светска Банка дека Република Северна Македонија ќе биде најмалку погодена од кризата во однос на земјите од регионот, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев, во гостувањето на ТВ24.

Показател дека мерките даваат резултати е тоа што за само два дена, во УЈП, 16.000 фирми аплицирале за финансиска помош, но тој број не е конечен, бидејќи пријавувањето трае до седми мај вечерта, истакна Заев.

Тој нагласи дека 120 милиони евра се вбризгани во стопанството и кај граѓаните, додавајќи дека во кризните услови редовно се плаќаат плати, пензии и субвенции, за да се стимулира потрошувачката, а од друга страна се кратат трошоците.

– Тука сакам да го демантирам Мицкоски, кој се прашува од каде е зголемена наплатата на данокот. Добивката не е зголемена од авансите на големите компании, тие во март уплатија 200 милиони, во април 100, а има 1,4 милијарди повеќе данок на добивка, не треба да си економист да разбереш дека тоа е бидејќи 2019 беше добра година, тоа се должи на тоа што ја излековме економијата од минус 1,8 насто на плус3,6 насто, порача Заев.

Во врска со средствата што се потребни за менаџирање на кризата Заев истакна дека имаме обезбедени 176 милиони евра од ММФ, 140 милиони евра од Светска банка, 160 милиони евра од ЕУ, очекуваме 800 милиони евра да се обезбедат со еврообврзницата до крајот на мај, а преговараме со ММФ за уште 300 до 400 милиони евра, но без арамжман.

– ЕУ ни даде грант од 68 милиони евра – 50 милиони евра награда и 18 милиони со реалокација, од кои ќе се финансира и третиот пакет мерки, кој еве сега го најавувам, и ќе биде наменет за заживување на економијата. Вториот квартал од оваа година е тежок квартал, во третиот очекуваме стабилизација, а веќе во четвриот раст на економијата, истакна Заев.

Во однос на бројот на лица кои во овој период останале без работа, Заев посочи дека не е вистина дека над 100.000 граѓани ги загубиле работните места, како што тврдат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

– 8.160 се нови невработени од 11 Март кога се затворија школите, значи од 11 Март до 30 Април, 8.160 од кои што 4.279 им истекло определеното работно време, значи не биле дури и трајно. Не се 140 000, не се 100.000 како што вели Мицкоски, туку 8.160, а со траен работен однос биле 3800 кои што го изгубиле работното место, тоа покажува дека мерките се вистински димензионирани, заклучи претседателот Заев.