23.8 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев: Нека ни е честит Празникот на трудот!

Фејсбук статус на лидерот на СДСМ, Зоран Заев:

Почитувани работници, вие сте моторот на македонската економија. На овој Први мај сакам да ви се заблагодарам за напорите што ги правите, за истрајноста што ја покажувате и за солидарноста која ве краси. Да продолжиме заеднички да се справуваме со кризата што го опфати целиот свет и сигурно ќе ја извојуваме најголемата победа со тоа што ќе ги задржиме работните места.

Поради глобалната пандемија од коронавирусот, оваа година, Денот на трудот го одбележуваме во несекојдневни, вонредни околности, во кои солидарноста, тој взаемен однос кон другите, кон работниците е темел на нашиот морал.

Се бориме за работните места и за основен приход на секој наш човек. И свесни сме за ризиците. Синдикалните здруженија ја посочија опасноста од можни негативни ефекти врз работниците во приватниот сектор. Тука сме да им кажеме на сите: злоупотребите не смее да се толерираат! Заедно ќе се бориме против сите обиди за кршење на работничите права или за загрозување на солидарноста.

Фер и праведно е сега фирмите да им обезбедат достоинствен приход на своите работници и да ги задржат на работа, преку помошта обезбедена од државата. Оние компании кои непречено функционираа и за време на кризата, фер и праведно е да ги наградат своите вработени кои и во вонредни околности посветено работеле и создавале. Тоа е солидарност, тоа е праведност.

Напредокот ќе го обезбедиме само ако работниците во нашата земја се вреднувани, мотивирани и почитувани, работници кои се сигурни и заштитени на своите работни места. Тоа го потврдивме во изминатите 2,5 години, со низа мерки и политики кои го вреднуваат трудот. Се бориме за достоинството на работникот, ја покачивме минималната плата од 9.000 на 14.500, ја покачивме просечната плата, а невработеноста ја намаливме на историски најмали проценти.

Денес, кога заедно се трудиме да го видиме крајот на здравствената криза, заедно со сите граѓани и сите работници се движиме кон новата нормалност. За да ја постигнеме целта, мора секој од нас да даде свој придонес, сите да ги почитуваме мерките и така да обезбедиме брана за опасната зараза.

✊ Нека ни е честит Празникот на трудот! #1Мај

Спонзорирано: