Македонската финансиска полиција го истражува досието со црните пари од Унгарија со кои се финансирале медиуми во Скопје, наклонети на ВМРО ДПМНЕ. Сомнежите се дека нелегалните пари се обезбедуваат преку кривичното дело “перење пари”, а се отвара и сомнежот дека тие се од унгарските државни фондови за финансирање на медиуми. Главна фигура која се истражува е Петар Шац, унгарец, сопственик на телевизија Алфа од Скопје, приврзаник на Виктор Орбан.
Во 2017 година словенечката компанија во сопственост на Шатц, Рипост, потпишала договор за рекламирање со Таргет Медиа, главната фирма за медиумските компании во Македонија. ИРЛ пренесува дека документот има само две страни и е објаснето како Рипост треба да и уплати на Таргет медиа 2,94 милиони евра за реклами и други услуги во период од 21 месец.
Интересно е дека на тој договор на два пати се појавува потписот на Шац, како преставник на двете компании, и онаа која дава услуги, но и онаа која прима. Последната страница од договорот докажува дека словенечката компанија се согласила да и плати на македонската компанија на Петар Шац скоро три милиони евра за услуги за маркетинг и рекламирање.
Од Финансиската полиција во Скопје пренесуваат дека словенечката компанија на Шац на неговата Таргет медија во Македонија во период од август 2017 до февруари 2019 и пренела вкупно 2,85 милиони евра. Тие пари наводно се користеле за реклами на производи низ македонските медиуми, а практично преставуваат корумпирање на медиумите на ВМРО ДПМНЕ.
Првиот производ кој се рекламирал е маслиновото масло на Оливери. ИРЛ открива дека тоа масло се произведува во фирма на остров во Хрватска. Ова масло го нема на македонскиот пазар, но затоа имаше реклами на медиумите. Тоа е една од главните траги на истражителите- како се давале пари во медиумите да рекламираат производ кој не постои. Втора фирма за која се емитувале реклами е Бони Арт Дизајн, фирма за украсни производи. Интернет шопот на оваа компанија нуди приврзоци за клучеви, магнети за фрижидери, кристални чаши… Од македонската царина за ИРЛ потврдиле дека немаат податоци дека биле увезени продукти од Оливери или Бони Арт во Македонија. Со тоа се потврдува дека рекламите се емитувале залудно, односно имале цел само да ги оправдаат црните пари во медиумите.
Директорот на финансиската полиција Арафат Муареми вели дека истрагата е во тек и дека се во координација со финансиското разузнавање кое што е во комуникација со службите во Словенија со цел целосно да ја откријат трагата на парите за да се утврди од каде се обезбедуваат и како стигаат до македонските медиуми.
За таа цел, финансиската полиција го известила Јавното обвинителство дека парите во македонските компании на Петар Шац, инаку сопственик на телевизија Алфа, се со неутврдено потекло, па дури и инситира на замрзнување на сметките на фирмите на Шац. Во Јавното обвинителство знаат за случајот со црните унгарски пари и тие се на потег што ќе преземат за да се открие и да има судска завршница овој милионски скандал со корупција во медиумите.
Дали конечно ќе се замрзнат сметките на Шац?