Обраќање, Зоран Заев, претседател на СДСМ – интегрален текст
Почитувани граѓани, Христијани, и сите луѓе со добра воља,
Денеска е Прочка. Празник на простувањето и помирувањето кој повикува да ги совладаме суетата и празното самозадоволство, и да си пружиме рака за помирување како одлика на чесни луѓе.
Простувањето и помирувањето се одлики на големи народи.
Бев првиот кој повика на помирување. На првата годишнина од крвавите настани во нашето Собрание подадов рака и понудив да отвориме процес на прочистување од злото што зад себе го остави режимот.
Понудив да направиме заеднички подвиг и прв чекор за правда и правна држава и за чист старт за нашата заедничка иднина. И ќе продолжам да повикувам на заедништво, зашто знам дека со секој следен повик може да се разбуди нова човечка добрина.
Денеска е прочка и ден за простување, но тој чин нема да ја добие суштината ако претходно нема покајание. Простувањето ќе остане празен збор, ако од лагата се прави поголема лага. Ако продавате кули од лаги и магла.
Прочка е празник на простувањето, но простувањето не значи да се заборави.
И нема да заборавиме – бидејќи имаме заедничка цел – правда!
Jас ја гледам целта на нашиот пат и таму ја гледам правдата. До неа ќе стигнеме заедно со сите вас. Тоа го должиме и тоа ќе го испорачаме.
Судството мора да се соочи со граѓаните и да се промени! Последните бункери на заробената држава ќе паднат.
Ние веруваме во тоа за што се залагаме. Правдата и владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот, слободата на изразување се нашите вредности.
Да паметиме и да се крепиме од овој дух на простување и помирување со кој е исполнет денешниот ден. Да си посакаме многу мудрост и трпеливост во нашиот стремеж за достоинствен дом – дом на правдата за сите наши граѓани.
Да бидеме подобри луѓе, за да имаме подобра заедница.