Во насока на натамошна превенција од коронавирусот, Владата го прифати предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март.
Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, карневалот „Прочка“ во Прилеп“ и сите слични.
Владата им препорачува на организаторите на спортските настани натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика.
Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации.
Владата на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести.
Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со коронавирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.
На оваа своја седница Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.
Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.
На денешната седница Владата ја разгледа информацијата за последиците од невремето со силниот ветер на 26 февруари и донесе заклучок да ги повика Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да покренат постапки за одговорноста за рушењето на фасадите и другите делови од јавните објекти, врз основа на увидот на стручните служби што го направија на оштетувањата на зградите на МЕПСО, на Владата на Северна Македонија, како и на другите објекти.