Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на сметките на 325 лица исплати вкупно 9.896.812,00 денари за предадено, а ненаплатено грозје. Корисници на оваа финансиска поддршка се сите лозари кои произведеното грозје го предале во период од 15 август 2014 година до 15 ноември 2016 година и за кои винарниците не им исплатија средства. Висината на оваа дополнителна помош се утврдува според сортата на предадено грозје која не е повисока од просечната цена за откуп на винско грозје и која е утврдена на годишно ниво за период од 2014 до 2016 година.
„Денеска се исплатени оние лозари кои беа на спискот од Државниот инспекторат за земјоделство и во периодот 2014 – 2015 година предаденото грозје не им беше исплатено. Овие корисници во изминатиот период ги доставија потребните податоци и со тоа законски се стекнаа со можноста за добивање финансиска поддршка. Додека останатите, кои сè уште ги немаат доставено потребните податоци, ги повикуваме во најкраток рок да ги достават во подрачните единици на МЗШВ, или директно во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рураниот развој со цел истите да бидат исплатени. Со ова се решава долгогодишен, наследен проблем и се исправа една неправда која им беше нанесена на лозарите. Оваа Влада води сметка секој земјоделец да си ги добие парите што како финансиска поддршка му следува за произведените земјоделски култури. Вкупно по оваа мерка досега на сметките на 2.592 лица исплатени се 100,578.318,00 денари. Праксата за навремена и неселективна исплата на субвенциите продолжува. Парите за земјоделски субвенции се исплаќаат во период кога на земјоделците средствата им се најпотребни, односно пред почеток на новата реколта“, се наведува во соопштението на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.