24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Царовска: Без Договорот од Преспа нема економски развој, туку сиромаштија!

-Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да ја замајуваат јавноста заговарајќи укинување, поништување или ревидирање на Договорот од Преспа. Најновото замајување е од техничката министерка за труд и социјална политика, која глуми дека го враќа поранешното уставно име, иако потпиша „ќе го почитувам Уставот и законите на Република Северна Македонија“, изјави на денешната прес-конференција, Мила Царовска, потпретседателка на СДСМ.

„Договорот од Преспа значи просперитет за државата, а заговарачите против него не си ја сакаат државата.

Укинувањето коишто го најавува ВМРО ДПМНЕ значи укинување на нашето членство во НАТО,

значи изгубени милијарди евра странски инвестиции,

спречување на економскиот развој и осиромашување на граѓаните.

Нема договор од Преспа нема ЕУ перспективи за нас.

Секој од нас треба да е свесен дека тоа не е добро и не’ води кон потполно уништување, мрак и изолација.

Како држава веќе еднаш го искусивме ембаргото и блокадите од Грција. Видовме што значат спуштени рампи на границите, ограничена слобода на движење на граѓаните и трговската размена.

Повозрасните го паметат тоа добро. Верувам никој од нас не сака тоа да се повтори и тоа токму сега кога сме на чекор до отпочнување на преговори со ЕУ. Сега кога имаме можност да градиме заедно европска иднина.

Грција лани стана наш трет стратешки партнер во трговската размена со вкупна вредност од 1 милијарда американски долари. Грција преку солунското пристаниште ни е главната врска со светот од која сме економски зависни. Овој стратешки партнер не смееме да го изгубиме.

Фактот што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да заговараат укинување на Договорот од Преспа е јасен показател дека не ја гледаат нашата држава во НАТО и ЕУ, дека не се заинтересирани за развој на економијата и за овозможување на подобра иднина за младите

Благодарение на Договорот од Преспа, имаме тренд на зголемување на инвестициите, подобро платени работни места, подобри услови за вработување, подобри перспективи за младите генерации.

Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат казнети на 12 април затоа што ја замајуваат и манипулираат јавноста заговарајќи враќање назад со укинување, поништување или ревидирање на Договорот од Преспа. Договорот од Преспа овозможува да чекориме напред, да ја развиваме економијата и да создаваме европска иднина за младите. Единственото што го нуди Мицкоски и неговата богата партија е враќање назад, економска стагнација, ризик од нови ембарга и блокади, и осиромашување на државата и нејзините граѓани.

Затоа сме ние тука, затоа се тука граѓаните – Пријателството со Грција ќе живее, а како резултат на тоа и нашите реформи стануве членка на НАТО – тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го спречи!“ – изјави Царовска.

/