Скопското Обвинителство поднесе обвинение против едно лице поради разбојништво.
На 20 ноември обвинетиот влегол во маркет во Чаир и извадил пиштол EKOL Special 99 во калибар 9 мм и му се заканил на оштетениот – сопственик на маркетот. Му наредил да се тргне од касата, посегнал преку пултот, ја отворил касата и одзел пари од дневниот промет во вкупен износ од 5.000 денари.
Во тој момент во маркетот влегло уште едно лице, кое се нафрлило врз обвинетиот со намера да го заштити оштетениот, па обвинетото лице било совладано и му било одземено оружјето.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот со оглед на тоа што и натаму постои опасност од бегство, како и можност тој да влијае врз сведоците и веројатност да го повтори тоа или да изврши слично кривично дело./Makfax