Техничкиот премиер Оливер Спасовски придружуван од заменик-претседателот на Владата одговорен за европски прашања Бујар Османи, заменик-претседателот на Владата и министер за политички систем и односи со заедниците Садула Дураки, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и од директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски, присуствуваше на отворањето на новиот граничен премин меѓу Северна Македонија и Косово, Белановце-Станчиќ.
Изградбата на граничниот премин е остварена со помош на Европската Унија преку ИПА Инструментот за прекугранична соработка со 1,2 милиони евра, како и со кофинансирање на Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија со 105 илјади евра.
Во присуство на министри и од владата на Косово, градоначалници од соседните општини и највисоки претставници на институциите за гранично и царинско управување на двете земји, премиерот Спасовски во своето обраќање ја истакна важноста на настанот, означувајќи го како дополнителна карика во поврзувањето меѓу Северна Македонија и Косово и како проект кој дава важна политичка димензија за уште еден пробив напред на и така исклучително добрите односи помеѓу овие две земји.
„Резултат на добрите односи меѓу нашите две земји е и успешната завршница на овој граничен премин. Граничниот премин е доказ за добрата волја и за заедничка работа и посветеност во интерес на граѓаните од двете страни на границата на овој регион“, подвлече премиерот Спасовски.
Тој додаде дека со новиот премин се олеснува меѓусебната комуникацијата на граѓаните на општините Липково и Гнилане, како и меѓу соседните општини и е добар предуслов за зголемување на трговската размена и економската соработка во регионот, што овозможува услови за развој на бизнис-врските и за економски напредок на регионот каде што се поврзуваат Северна Македонија и Косово.
,,Овој објект што го гледате зад нас, не е само уште еден граничен премин туку буквално заеднички објект на двете држави изграден на самата гранична линија, што претставува исклучително комплексен проект. Неговата реализација значеше усогласување на активностите со законодавствата на двете земји, координација на институциите на двете држави, но и запазување на сите европски критериуми при неговата изведба, имајќи предвид дека средствата за овој проект се обезбедени преку европските ИПА-фондовите наменети за двете држави“, рече во своето обраќање вицепремиерот Бујар Османи.
Тој истакна дека граничниот премин е вистински европски проект – пример за тоа како треба да соработуваат соседите на Балканот, создавајќи заеднички проекти со кои создаваат подобри услови за своите граѓани.
На отворањето на новиот граничен премин се обрати и заменик-претседателот на Владата на Република Косово, Енвер Хоџај, кој нагласи дека ваквите проекти се добри за граѓаните од двете држави и регионот и претставуваат поттик за интензивна соработка и решавање на сите предизвици на земјите кои се соседи.
Сите говорници изразија признание и посебна благодарност до амбасадорите на Европската Унија во Северна Македонија и Косово, Самуел Жбогар и Наталија Апостолова, кои помогнаа да се реализира овој проект, кој покажува дека двете земји сериозно се насочени кон остварување на своите европски амбиции.