25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Калеска –Ванчева: ВМРО ДПМНЕ и од опозиција продолжува да нарачува предмети и пресуди

Прес-конференција, Снежана Калеска –Ванчева, пратеничка на СДСМ и координаторка на Форум на Жени на СДСМ – интегрален текст

 

Во период од 10 годишно режимско владеење ВМРО ДПМНЕ направи приватно – партиска фирма од правосудниот систем. Македонските граѓани и државата ден денес ги чувствуваат последиците од узурпираните судови и обвинителства.

Целата македонска јавност беше сведок на аудио снимките од нелегалното прислушување како ордата на Никола Груевски безмилосно го уништува судскиот систем и правната држава. Како ВМРО ДПМНЕ ги загрозува човековите права и владеењето на правото.

Изминатите денови повторно сме сведоци како ВМРО ДПМНЕ од партиската говорница повикува судии и обвинители на одговорност само затоа што партијата на Христијан Мицковски мисли дека и понатаму може да владее со судството.

Нивните мрачни сценарија за искривено функционирање на правниот систем одново се актуелизираат како што наближува носењето на Законот за јавно обвинителство.

Исплашени од законот и од можноста функционерите на ВМРО ДПМНЕ да завршат во затвор ги принудува да лицитираат со затворски казни за судиите и обвинителите кои не му се приклониле на режимот.

Едноставно стравот што го имаат челните луѓе на ВМРО ДПМНЕ од затвор свесно, преку јавни закани го пренесуваат кон судиите, обвинителите и кон граѓаните. А крајната цел е позната- како да се ескивира Законот за јавно обвинителство.

Навиките на опозицијата за контрола и присвојување на правосудството тешко се менуваат. ВМРО ДПМНЕ не сака да се соочи со реалноста дека помина времето на мрачното владеење кога телефонски нарачуваа предмети и им се одмаздуваа на политичките противници со партиски пресуди.

Неможноста да се соочи со независен и професионален судски систем повторно на површина го извади деструктивното делување на партијата. Тие се ќе направат да го урнисаат правосудството само за да ја спасат сопствената кожа.

СДСМ ги уверува граѓаните дека овој пат сме решени дека правда мора да има и ќе има. Секој што сторил криминал ќе заврши во затвор колку и да се противи ВМРО ДПМНЕ. Нека сфатат еднаш засекогаш дека помина времето на брачниот пар Маневски, на судиите како Панчевски и Вангеловски. Таквите кадри ќе останат како црна дамка во судските архиви.