25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Филипче: Клиниката за психијатрија доби најсовремена опрема за дијагностика при спиење

Клиниката за психијатрија набави најсовремена опрема за дијагностика при спиење, која се состои од полисомнограф и актиграф, со коишто се следат повеќе физиолошки функции во текот на спиењето, како и во текот на дневно-ноќниот ритам, објави министерот за здравство, Венко Филипче. Со софтверска анализа на добиените резултати, а во соработка со проф. Кнегиња Рихтер-Соколовска од Клиниката во Нирнберг, Германија, се спроведуваат соодветни дијагностички и терапевтски процедури, објасни Филипче.

Воведувањето на оваа дијагностичка процедура е новина во психијатриските институции во земјата и во соработка со ФЗО достапна е за сите пациенти.

„Покрај оваа современа опрема, во изминатиот период на Клиниката за психијатрија се направени многу позитивни промени во однос на опремување и реновирање на капацитетите, но и нови вработувања и зголемувања на тимот. Во изминатите две години се реализирани и вработувања на сите нивоа, вработени се пет лекари, двајца психолози, три медицински сестри, како и три други вработувања. Клиниката досега располагаше со околу 80 вработени, а со голем обем и интензитет на работат, затоа овие вработувања значително ќе придонесат за подобра и поефективна нега на пациентите. Во овој период Клиниката за психијатрија е целосно реновирана со нова опрема и мебел за пациентите и амбулантите. Комплетно се реновирани и опремени болничките соби за третман на хоспитализирани пациенти. Инсталирана е дигитализација на објектот, како и климатизација на сите простории. Целосно е реновиран и амбулантскиот дел и кровот на зградата. Со сето ова во голема мера е подобрена целосната состојба на клиниката“, изјави министерот Филипче.

Воведени се и неколку нови методи за дијагностика и третман, нови дигитализирани табли за психолошки тестирања за когнитивни проценки и соодветни психотерапевтски процедури. Обновен е апаратот за транс-кранијална магнетна стимулација, набавен е тестот „ТОВА“ за дијагностика на состојбата на вниманието и хиперактивност кај деца и возрасни, а воведени се и дијагностички процедури таргетирани за деменции.

Отворени се неколку нови кабинети – за снимање на состојбата при спиење, за ментално здравје на жени во перинатален период, кабинет за деменција. Наскоро ќе почне да работи и кабинетот за телемедицина (телепсихијатрија), како и за невробиофидбек и за психомоторна реедукација.

Сите спроведени активности се дел од планираните активности според Националната стратегија и акцискиот план за ментално здравје, која беше подготвена од Националната комисија за ментално здравје, номинирана од Министерот за здравство, а која е усвоена од Владата на СРМ за периодот 2018-2025. Со вие документи се даде структура на реформа на системот за ментално здравје во РСМ, според современите текови и препораки како од Светската здравствена организација, така и од сите релевантни интернационални институции и експерти.