СДСМ посветено и континуирано работи на намалување на невработеноста и отворање нови работни места. Еден од клучните механизми за остварување на таа цел е Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, кој годинава очекуваме да вклучи над 11.500 невработени лица, изјави Јагода Шахпаска од СДСМ.
„За Оперативниот план за вработување во 2020 година се издвоени рекордни 1,45 милијарди денари за инвестиции во претприемништво, поддршка за креирање нови работни места, обуки и доквалификација, практиканство, а продолжува и реализацијата на Гаранцијата за млади. Оперативниот план овозможи за 2,5 години да се вработат речиси 60.000 лица, со што стапката на невработеност се намали за 5,5 отсто, на рекордно ниски 17,1 проценти“, рече таа.
Самовработувањето преку стартување на микро бизниси, додаде Шахпаска, е одржливо и во 2020 година очекуваме стартување на нови 1.364 микро бизниси.
„Оперативните мерки и во 2020 година обезбедуваат спроведување на обуки и доквалификации за невработените граѓани, со фокус на младите луѓе. Мерките кои досега беа креирани и имплементирани даваат резултат, тоа го потврдува намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица, која што изнесува 35,3% споредено со 2016 година кога изнесуваше 48,6%. Оперативните мерки предвидуваат обуки и доквалификации и за дефицитарни занимања, за да им се излезе во пресрет на потребите на пазарот на трудот, со нив е планирано да се опфатат 3.224 лица. Значајна сума од средствата за 2020 година се издвојуваат за субвенционирање на плати, вработувања и раст на компаниите, за обуки во информатичката технологија и други видови обуки кај работодавачите“, рече таа.