23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба на Спасовски со резидентните амбасадори од земјите членки на ЕУ

Претседателот на Владата, Оливер Спасовски, се сретна со резидентни амбасадори од земјите членки на Европската Унија во нашата држава.

На средбата беа изразени честитки до Спасовски и до Владата за доследното спроведување на обврската од пржинскиот договор и формирањето преодна Влада три месеци пред изборите, што од страна на ЕУ се препознава како зрелост на демократијата во земјата.

На состанокот силно се поздравени заложбите на премиерот Спасовски и на Владата за продолжување на реформите, за продолжувањето на дијалогот со опозицијата, за јасните определби од Владата за почитување на добрососедските односи и договорите со Република Грција и Република Бугарија, за спроведување фер избори, што се од значење за стабилноста на граѓаните и нашата држава и за интеграциите во НАТО и ЕУ.

На средбата е потврдено дека Република Северна Македонија ги спровела потребните реформи и е оценето дека фокусот кон нивната натамошна реализација е позитивен сигнал кон земјите членки на ЕУ за цврстата определеност за усогласување со европските стандарди и вредности.

Соопштено е дека во следните месеци Западен Балкан повеќе од секогаш ќе биде во фокусот на Европската Унија, како и дека проширувањето на ЕУ останува на врвот на европската агенда.

„Благодарни сме на поддршката и на пораките на политичките лидери на вашите земји дека одлуката за почеток на пристапните преговори со нашата земја треба да се донесе и што проширувањето на ЕУ се држи високо на агендата на европските институции“, рече премиерот Спасовски.

Претседателот на Владата на состанокот со амбасадорите јасно ги соопшти владините приоритети.

„Врвен приоритет на сите министри во актуелната Влада е да се обезбеди континуитет на функционирањето на институциите, на владеењето на правото и демократијата, организирање фер и демократски избори.

Врвен приоритет на Владата е и почитувањето на преспанскиот договор со Република Грција и на договорот со Република Бугарија и истакнувам дека остануваме посветени на добрите односи со сите соседи“, рече премиерот Спасовски.

На средбата беше констатирано дека носењето на законот за Јавното обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјата кон дијалог и кон владеење на правото.

Нагласено е дека во важните моменти за државата е недозволиво политиканство од кој било претставник на извршната власт или од политичките субјекти и дека е неопходно сите во земјата државните приоритети да ги стават во прв план.

Состанокот на претседателот на Владата, Спасовски, со резидентните амбасадори од земјите членки на ЕУ во нашата држава е поздравен како значајна порака за определбата на Владата да продолжи одблиску да соработува со државите членки на ЕУ и со институциите на Европската Унија во време на очекувањето на заслужениот исчекор во европските интеграции.