Бањски лекувања, здравствени услуги и грижа за лицата со посебни потреби ќе бидат финансирани од страна на здружението „Загинати бранители-херои на Македонија” со средствата што ги донираше поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен технички премиер во преодната влада Оливер Спасовски.
Спасовски ги доставил на сметката на Здружението сите средства од патувања во странство во 2019 година, околу 130.000 денари, во координација со претседателот на Здружението, со цел поддршка на семејствата на бранителите.
„На покана на министерот, пред завршувањето на неговата функција, во неговиот кабинет разговаравме за потребите на семејствата, текот и исполнувањето на нашите досегашни барања, што досега е финиширано во целост по однос на вработување и решавање на станбеното прашање, а проговоривме и за обесштетувањето на семејствата, кое кај 20 од вкупно 219 е во фаза на разгледување, согласно законот, додека кај 199 семејства и тоа е решено. На негова иницијатива беше извршена донација на средства од дневниците, што ќе се наменат за најпогодените семејства, за децата со попреченост од овие семејства, за лекување и бањски услуги на членовите на семејствата“, изјави Владе Стојановски, претседател на здружението „Загинати бранители-херои на Македонија”.
Во вкупната бројка семејства кои се опфатени со заложбите за нивна постојана вклученост во заедницата со активности на здружението се вбројуваат семејства на бранители загинати во воениот конфликт во 2001 година, семејства на загинатите во хеликоптерската несреќа, како и во настаните во Кумановско Диво Насеље во 2015 година.
„За Нова година како и секоја година МВР додели пригодни подароци за семејствата на бранителите и организираше Новогодишен прием, а Министерството за одбрана прв пат досега организираше коктел во Дом на АРМ и додели подароци. Бевме пофалени како Здружение за добрата и успешна соработка со надлежните министерства што се надевам ќе продолжи и во иднина, бидејќи за оваа категорија граѓани е должна да се грижи државата, независно од политичката гарнитура што ја управува“, додаде Стојановски.
Вкупно 12 деца на бранители од државата се вработени во МВР и Министерството за одбрана, на нивно барање, согласно нивното образование и професионални квалификации.
извор Локално