Субвенционирањето на придонеси за раст на плати само за еден месец е искористено за зголемување на платите на 44.940 вработени во приватниот сектор, соопшти министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
„Согласно Законот за субвенционирање на придонес, со кој работодавачите се ослободени од плаќање придонес за делот на покачена плата од 600 до 6.000 денари и наместо нив ги уплаќа државата, за месец ноември покачена плата зедоа 44.940 работници. Просечното покачување изнесува 4.100 денари во нето-износ“, рече Царовска.
Министерката истакна дека вкупниот број вработени во приватниот сектор во државата е околу 490.000 врботени, што значи дека во првиот месец од имплементација на законот 9% добиле зголемување на плата.
„Нашите проекции беа дека месечното искористување на мерката ќе биде за околу 20% вработени од таргетираната група. Зголемен број на искористеност на мерката се очекува за претстојните месеци поради стапување на сила на Законот за минимална плата“, рече Царовска.
Директорката на УЈП, Лукаревска, истакна дека Управата и Министерството за труд и социјална политика водеа сметка работодавачите на наједноставен начин да можат да го искористат ова право, при што законските одредби и софтверското решение овозможуваат користење на субвенционирањето со самото поднесување на МПИН-пресметката до Управата за јавни приходи.
„Досегашното искуство со поднесување на барањата од страна на работодавачите е многу добро и од нив добиваме позитивен фидбек за лесниот и брз начин на аплицирање во системот на УЈП. Барањето за субвенционирање на придонеси работодавачите го поднесуваат преку Месечната пресметка за интегрирана наплата (познат како образец МПИН), со внесување на ознака за лицето за кое побаруваат субвенционирање на придонесите по основ на зголемување на плата. Со внесување на шифрата, Управата за јавни приходи за конкретното лице за кое се бара субвенционирање, како и за работодавачот, ја проверува исполнетоста на законските услови и во Декларацијата за прием дава известување до работодавачот“, рече Лукаревска.
Директорката на УЈП истакна дека на интернет-страницата на УЈП објавено е соопштение за јавноста со детали за начинот на спроведување на мерката, за сите работодавачи кои се заинтересирани да го користат ова право.
„Би сакала да потсетам дека земени се предвид и исплатите на минималната плата, за коишто придонесите се плаќаат до најниската основица за пресметка на придонеси. На пример, при зголемување на плата од 12.500 денари на 14.500 денари, иако се пресметуваат и плаќаат исти придонеси, сепак предвидено е субвенционирање на придонесите на работодавачите, пресметани на разликата на зголемувањето на платата“, рече Лукаревска.
Ангел Димитров од ОРМ ги повика работодавачите коишто ги исполнуваат условите да ја искористат оваа мерка што е предвидена да се спроведува во следните три години.