-ВМРО- ДПМНЕ преку својот пратеник во Собранието Влато Ѓорчев го кочи зголемувањето на пензиите на 320 илјади пензионери од идниот месец. Со незакажување на Седница на Комисијата за труд и социјална политика со којашто раководи Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ, по којзнае кој пат потврдуваат и тоа пред целата јавност дека се против повисока пензија за 700 денари за секој пензионер во државата, изјави на денешната прес конференција, Катерина Кузмановска, пратеничка од СДСМ.
„Пензионерите добро паметат кој им кратеше од нивните пензии цела деценија и не им ги исплаќаше законските усогласувања. Наспроти расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ, Владата предводена од СДСМ работи транспарентно, одговорно и домаќински. Наместо да зема од џебот на пензионерите , СДСМ ги враќа парите кај пензионерите со континуиран раст на пензиите во законската рамка.
Со предложените законски измени кои што ги кочи Ѓорчев и ВМРО-ДПМНЕ во 2020 година просечната пензија ќе изнесува околу 15.500 денари, или од доаѓањето на СДСМ на власт до почетокот на идната година просечната пензија ќе порасне за вкупно 1.746 денари.
Со оваа законска измена Владата предводена од СДСМ предвиде покачување од 700 денари за секој пензионер и дополнително усогласување од околу 200 денари, што значи дека пензиите до крајот на 2020 година ќе пораснат за околу 900 денари.
Како за споредба во 2016 тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги зголеми пензиите ад хок и на пензионерите пред истекот на годината им исплати околу 560 денари или помалку од 60 денари месечно.
На прав пат сме, продолжуваме да се грижиме за повозрасните.“ – изјави Кузмановска.