11.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Министерот за култура во Париз со осврт за културниот дијалог на национално и на локално ниво

Министерот за култура, Хусни Исмаили, во Париз се обрати на Форумот на министрите за култура, кој се одржува во рамките на 40. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО.

Во своето обраќање пред присутните, Исмаили се осврна на механизмите за промоција на културните изразувања во нашата земја и иницијативите кои поттикнуваат вклучување и културен дијалог на национално или на локално ниво.

„Во оваа пригода сакам да изразам благодарност до УНЕСКО за неговите напори, иницијативи и активности, што ја препозна улогата на културата, особено културната различност и културното наследство како витални елементи во современите општества“, рече Исмаили.

Тој во обраќањето ги спомна и актуелната Стратегија за развој на културата (2018-2022) и националното законодавство (Законот за заштита на културното наследство, Законот за културата), кои, како што рече, предвидуваат механизми и активности за да се обезбеди заштита на вредностите на културното наследство.

Во контекст на промоцијата на културната разновидност, Исмаили потсети дека во 2017 година на Репрезентативната листа на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото биле впишани мултинационалната апликација „Културни практики поврзани со 1 март – Мартинки“ и „Пролетната прослава Хидрелез“.

На Форумот на министри за култура, кој се одржува во рамките на 40. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО од 12 до 27 ноември, учествуваат повеќе од 140 министри за култура и други високи претставници, информираат од ресорното министерство.

Главна тема на дискусијата е централното место на културата во јавните политики низ светот и нејзиното влијание врз одржливиот развој.

Спонзорирано: