9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Заев: Вложуваме во луѓето, Буџетот 2020 е развоен буџет посветен на нашиот најсилен капитал – човечкиот

Интегрален текст од обрааќњето на премиерот Зоран Заев во пресрет на денешната Владина седница на која ќе биде усвоен Буџетот:

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 164 седница го утврди Буџетот на државата за 2020 година, кој заедно со Предлог-закон за извршување на Буџетот за 2020 ќе биде доставен на усвојување во Собранието на Република Северна Македонија.

По тој повод, во Медија центарот на Владата, премиерот Заев и министерката за финансии одржаа прес-конференција на која информираа за деталји од предложениот Буџет за 2020 година.

Во продолжение на ова соопштение, обраќањето на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев ви го пренесуваме во целост:

Централно место во Буџетот за 2020 година е грижата за човечкиот капитал, за луѓето, за нашиот народ.

Оваа наша определба е резултат на вниманието кое постојано е насочено кон граѓаните. Граѓаните од сите социјални категории, со посебна грижа за оние наши сограѓани кои спаѓаат во ранливите категории.

Така беше кога ги донесовме одлуките за раст на минималната плата. Така беше кога го решивме прашањето на стечајните работници. Така беше кога го донесовме социјалниот пакет кој порасна за 300 отсто. Така беше кога го подготвивме пакетот на оперативните мерки за вработување при што беше определен рекорден буџет од 1,1 милијарда денари и кога постигнавме рекордно намалување на невработеноста.

Така беше и кога ги креиравме економските политики кои отворија нови, 54.000 работни места, од кои повеќе од 40 илјади беа во реалниот сектор.

Нашите граѓани и растот на стандардот за нивно живеење, секогаш се во средиштето на нашите интереси кога ги креираме политиките.

Така беше и кога ги создававме предусловите за раст на платите во јавниот сектор кој беше овозможен од продуктивните политики и од економскиот раст. Така беше и кога издвоивме рекордни средства за земјоделците за да го чувствуваат со право достоинството од нивната посветена работа.

Така беше и во многу други области, и така останува.

Политиките на оваа Влада и во наредниот период ќе бидат посветени на нашиот најсилен капитал – човечкиот, во поддршка на потенцијалот за раст и за грижа за секој наш граѓанин.

И ако прашате зошто баш овој буџет се гледаше на повеќе владини седници, ќе ви кажам дека за секој денар на граѓаните се водеше сметка, се размислуваше каде ќе биде најдобро и најпродуктивно искористен. Во полза и за придобивки на нашите граѓани.

И така е најдобро. Да се отвори буџетот – да се дискутира, да се има време отворено да се преговара за приоритетите и мерките, за да биде скроен по мерката на граѓаните. Токму поради тоа, овој буџет е влог во луѓето, во нашиот народ, влог во граѓаните, во човечкиот капитал.

Растот на економијата за 2020 година го проектираме на ниво 3,8%, а најголемо учество во овој раст очекуваме да има домашната потрошувачка. Проекциите за растот, ги базираме врз реални параметри.

Во тековната година во првото полугодие бележиме раст на БДП од 3,6% што е резултат на позитивните остварувања кај сите дејности.

Градежната дејност забележа раст од 4,7% на реална основа за првата половина од 2019 година, а најмногу се должи на извршените градежни работи во делот на нискоградба, односно изградба на патишта.

Услужниот сектор забележа реален раст од 3,0%, главно како резултат на зголемената активност во трговската и транспортната дејност, а растот во индустрискиот сектор изнесува околу 2,0%.

Силниот придонес на приватната потрошувачка врз економскиот раст продолжи во првото полугодие од 2019 година, поттикнат од – растот на платите!

За 5,7 % е повисока нето исплатената плата во 2019 година заклучно август, споредено со 2018.

Ако овие параметри ги гледаме низ проекции за 2020 можеме слободно да кажеме:

И во 2020 ќе продолжи да расте потрошувачката. Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3%.

Тоа очекуваме да се реализира како резултат пред сѐ на зголемување на расположливиот доход на домаќинствата поради:

– Растот на платите
– Растот на вработеноста во економијата
– Намалувањето на невработеноста, како и
– Големата социјална заштита на ранливите категории.

Растот на нето платата во 2020 година е проектиран на 6,3%, а ќе биде дополнително предизвикан од покачувањето на минималната плата – која ќе порасне за 2,000 денари од декември годинава, но и од поддршката во вид на субвенции која ја обезбедуваме за приватните компании кои ќе ја покачат платата на своите вработени од 600-тини до 6,000 денари.

Овие две мерки се значајна поддршка, која сме должни да им ја дадеме на нашите граѓани за да им обезбедиме услови за попристоен живот и живејачка.

За 2019, почетната проекција за невработеноста беше 20,1%, но мерките кои ги презеде Владата резултираа во уште пониска стапка на невработеност која изнесува 17,5% веќе во втор квартал од 2019.

Во 2020 очекуваме уште побрзо да опаѓа стапката на невработеност, и да се симне на нов историски минимум, можеби и пониско од 16% – и уште позначајно, очекуваме и процентот на вработеност да се придвижи нагоре до 48,2%.

Тоа ни го најавува и процентот на вработеност во вториот квартал за оваа година, и тој изнесува 47,1 отсто.

Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за 8,0%. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, како и континуираната поддршката на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија.

Стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска во износ од 1,7%. Ова значи дека пред нас останува периодот со стабилни цени.

Ги зајакнуваме столбовите на општеството во кои повторно фоксуот се граѓаните на нашата земја. Вложуваме во секторите кои обезбедуваат услуги за граѓаните.

Во здравството е предвидено е покачување на платите на целокупниот медицински персонал, почнувајќи од февруарската плата: 25% раст кај специјалисти, 15% кај лекарите од општа пракса, за 10% ќе пораснат платите на медицинските сестри.

Специјалистите во терцијарното здравство ќе ја достигнат висината на платата од 100.000 денари со февруарската плата во 2020 година.

Ова следи по покачувањето на платите за 10% од јануари 2019 година за лекарите и зголемувањето од 5% во септември 2019 за сите кадри во здравството, и е трето зголемување на платите откако дојде оваа Влада, после првото зголемување на платите во септември 2018 за 5%.

Во Буџетот за 2020 година издвојуваме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството – за изградба и реконструкција на болници и за нова, современа медицинска опрема.

Во 2020 година планирано е да отпочне проектот за изградба на новиот клинички центар во Скопје, и продолжуваме со реализација на Регионалната Клиничка болница во Штип, втората фаза на болницата во Кичево, како и завршните работи во болниците во Струмица и Тетово.

Во образованието покажуваме дека трудот и работата на наставниците се ценети и затоа обезбедивме доволно средства за ново зголемување на платите во образованието за 10% почнувајќи од 1 јануари 2020 година.

Ова ќе биде трето зголемување по ред на платите во образованието за оваа Влада. Првото беше во 2018 за 5%, а второто оваа година исто така за 5%. Или вкупно покачување за околу 21% на платите на просветните работници. За 25 отсто пораснаа платите во 7 научни институти.

Одвоивме 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции во образованието, за реконструкција и изградба на училишни згради и спортски училишни сали, на студентските домови, и за опремување и реконструкција на универзитетите.

Почитувани граѓани,

Буџетот за 2020 предвидува подобрување на стандардот и на возрасните лица – на нашите пензионери.

За 2020 година со буџетот планирано е покачување на пензиите, дополнително на редовната индексација со трошоците на живот.

Владата се одлучи за вакво дополнително покачување на пензиите имајќи ги предвид економските параметри минатите две години, посебно порастот на просечната плата за повеќе од 2,297 денари, и на минималната за 4 до 5,000 денари.

Пензионерите заслужуваат, тие одработија за ова наше заедничко општество и затоа нивниот животен стандард треба да го следи подобрениот животен стандард на вработените. Повеќе за пензиите ќе ви каже министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, на посебна прес конференција.

Денеска само ќе кажеме дека пензиите ќе пораснат за 700, и заедно со веќе постоечкото усогласување со растот на трошоците за живот ќе пораснат вкупно за 850 до 900 денари.

Вложуваме во луѓето, вложуваме во нашиот народ и затоа во Буџетот 2020 имаме издвоено 7,3 милијарди денари субвенции во земјоделието, и 1,1 милијарди денари за регионален рамномерен развој.

Во 2020 година буџетот на Министерството за одбрана ќе изнесува 10 милијарди денари.

Министерството за одбрана има важна и одговорна задача која успешно треба да финишира во 2020-та година. Ова министерство е предводник на реформските активности на Република Северна Македонија во постигнување на стратегиската цел на државата – членство во НАТО. Планираниот износ на средства ќе придонесе кон реформи во одбранбениот сектор согласно НАТО стандардите, модернизирање и опремување на нашата армија, професионална подготовка на припадниците на Армијата и долгорочен развој на одбрана.

Ќе продолжиме со политиките и мерките за борба против аерозагадувањето и за таа намена во буџетот за наредната година се определени 100 милиони денари. Но, тоа се само дел од вкупните средства затоа што еден сериозен дел е вклучен во буџетите на одделни министерства што имаат програми за оваа намена. Дополнително, вложуваме 10 милиони евра од буџетот на ЕСМ, за набавка на еколошки инвертери за 10.000 домаќинства.

Во 2020 година проектиравме реални капитални расходи на ниво од 23 милијарди денари. Инвестициите се наменети за интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за вложувања во патна и железничката инфраструктура, енергетската и комунална инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Ќе напоменам дека во оваа сума не е вклучен буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта кој се формира независно и со кој ќе продолжи изградбата на автопатните и експресните решенија во земјата.

5 милијарди денари се планирани за вложување во енергетската и комунална инфраструктура и управување со отпад.

Интензивно ќе продолжат активностите за привршување на изградбата на првата фаза од Националниот гасоводен систем на делницата Штип – Неготино – Кавадарци – Битола и на делница Скопје – Тетово – Гостивар, кои се финансираат и со средства од заем од Дојче банка и Ерсте груп банка. Од Гостивар кракот на примарниот гасовод ќе продолжи до Кичево.

Проектирано е дека до крајот на идната година ќе завршат работите на примарната гасоводна инфраструктура и ќе започнат работите на мрежата со која го носиме гасот до граѓаните и компаниите.

Ќе продолжи со интензивирана динамика изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката.

Истовремено, преку Проектот за подобрување на општински услуги, финансиран од Светска банка, ќе им се овозможи на општините и јавните комунални претпријатија да финансираат инвестициони зафати согласно своите приоритети во областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води, управувањето со цврст отпад и други инвестиции во општински услуги.

Од поддршката на овие проекти ќе се генерираат приходи, односно ќе се остварат заштеди од висок приоритет за општините.

За инвестиции во приоритетите на локалните самоуправи ќе бидат насочени и 35-те милиони евра на ТАВ кои требаше да бидат инвестирани во карго аеродромот.

Преку ИПА средства ќе се поддржи рехабилитација и надградба на колекторскиот систем во Скопје, рехабилитација на надградба на канализациската мрежа и изградба на пречистителна станица Кичево, Битола и Тетово, како и воспоставување на регионален систем за управување со отпад и за отворање на депонии во Источниот и Североисточниот регион. Ова последното е особено важно за подобрување на квалитетот на животот на нашите граѓани, преку подобрување на животната средина.
Модернизирањето на постојната железничка инфраструктура ќе продолжи со реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, како и реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга- Коридор VIII- делница Куманово- Бељаковце- Крива Паланка.
Во текот на 2020 година со заем од Светска банка ќе отпочнат активности за реализација на Проектот за локални патишта вреден 70 милиони евра, со што ќе се подобри патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија.

Определивме 1,5 милијарди денари за рурален развој, за изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Овие иницијативи ќе се надополнат со заем од Светска банка за да го отпочнеме проектот за реформи во земјоделскиот сектор во делот на изградбата на откупно-дистрибутивни центри ширум државата.

Јас ќе завршам тука бидејќи знам дека и министерката за финансии има уште што да ви каже за Буџетот 2020 посветен на грижата за нашето најголемо богатство – нашите граѓани и целиот човечки капитал којшто го носат со себе.

Спонзорирано: