Големата количина опасни и експлозивни ствари лоцирани меѓу населените места Ново Село и Волково, скопско, што неколку години претставуваше едно од најголемите загадувачки жаришта и опасност за животната средина, безбедноста и за здравјето на граѓаните, е отстранета од територијата на нашата држава.
За отстранување на неколкуте тони застарено ракетно гориво за градобијни рекети и друг експлозивен материјал, имот на поранешната компанија АД „Теас-Темко“, кои со години лежеа во стоваришен простор во населено место, првично беа побарани 850.000 евра.
Но, наместо трошок за граѓаните на нашата земја, Владата на Република Северна Македонија организираше постапка за продажба и чистење на теренот, согласно процедурите за управување и транспортирање на опасни материи, без ниту денар надомест за компанијата што ја спроведе постапката.
Постапката за повик и избор на понуда за оваа акција ја спроведе Генералниот секретаријат, постапувајќи согласно заклучокот на Владата донесен на 118 седница на Владата, при што ја прифати понудата на компанијата „Трајал“ од Република Србија.
Во планирањето и спроведувањето на оваа постапка, Владата на Република Северна Македонија првенствено се раководеше од грижата за здравјето на граѓаните и заштитата на животната средина.