22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Неочекуван потег на ВМРО ДПМНЕ – бараат да се укине “Мој ДДВ”

За да нема негативни ефекти во буџетот предлагаме веднаш да се укине мерката „МОЈ ДДВ“ со која што и така пари се враќаат кај побогатите граѓани, оние кои што имаат повеќе да трошат, изјави екс-министерот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славевски денеска на прес-конференција.

„Со непромисленото зголемување на даноците најмалку се удри по богатите граѓани како што сега се гледа, како што беше прокламирано, туку цехот го платија посиромашните граѓани“, рече Славевски.

Според опозицијата, СДСМ мора да ги обештети граѓаните кои платиле повисоки даноци од воведувањето на прогресивниот данок.

Говорејќи за замрзнувањето на прогресивниот данок, Славевски потенцира дека иако во моментов не може да се квантифицираат негативните ефекти од досегашната примена на прогресивното оданочување, направена е штета на повеќе полиња.

„Да се потсетиме дека сите стопански комори, поголемиот дел од македонската стручна професионална јавност, компаниите укажуваа дека оваа мерка ќе има негативни ефекти, односно негативни резултати. И самите сега признаваат дека се зголемила даночната евазија, постои бегство на капиталот од Македонија во соседните земји, понатаму дека нема никакви ефекти ниту во прибирањето на даноци, а не е постигната целта за намалување на нееднаквоста, затоа што како што може да се види дека нееднаквоста се намалува и без тоа, односно со други мерки, мерки насочени кон економски раст во земјата“, рече Славевски.

„Понатаму факт е дека како резултат на воведувањето на прогресивното оданочувањето, она на што ние укажавме и укажувавме упорно во текот на изминатите неколку години, голем број на млади професионалци, особено од ИТ секторот, лекари и други професии ја имаат напуштено Република Македонија, што еве СДСМ и самите го признаваат. Понатаму, зголемувањето на даноците негативно се одрази на привлекувањето на директни странски инвестиции“, рече Славевски.

Тој додаде дека со предупредување излегле и бизнисмените, а зголемената даночна стапка за закупнините за речиси двапати ги зголемилa кириите за студентите, младите брачни парови и за малите бизниси.