17.8 C
Скопје
4. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Спасовски: Предизвиците во борбата против транснационалниот организиран криминал стануваат сè покомплексни

Предизвиците со кои се соочуваме во насока на сузбивање на транснационалниот организиран криминал од година на година стануваат сè покомплексни и наложуваат продлабочување на меѓународната соработка помеѓу земјите од регионот, но и пошироко, особено во делот на меѓународната правна помош, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето на отворањето на семинарот „Меѓуресорска соработка во справување со насилен екстремизам и борба против тероризмот“, во организација на Канцеларијата за соработка со одбраната при Амбасадата на САД и Националниот комитет за борба против тероризам и насилен екстремизам.

Според министерот, безбедносните закани со кои се соочува Република Северна Македонија се слични не само со заканите во земјите од Балканскиот Регион туку и со земјите од ЕУ и САД, што наложува и нови форми на соработка и дејствување на меѓународно ниво.

„Во Република Северна Македонија постојат цврста политичка волја и јавна свест за интензивна и континуирана борба против транснационалниот организиран криминал и во овој контекст од страна на државата се прават напори, со поддршка и соработка од меѓународните институции, за развој на ефикасна правна рамка и воспоставување специјализирани институции за сузбивање на овој вид криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа, што е од особено значење“, истакна Спасовски.

Тој потсети дека во Министерството за внатрешни работи во тек се интензивни процеси за зајакнување на институционалните капацитети на специјализираните единици, со развој и имплементација на методологија на работа, стандарди и континуирани обуки. Министерството ја препозна потребата од изнаоѓање квалитетен механизам за борба против најголемата закана на 21 век – тероризмот, додаде Спасовски, поради што во Бирото за јавна безбедност, во рамките на одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал функционира специјализирана единица за сериозен криминал и тероризам.

Спасовски истакна дека Република Северна Македонија во борбата против тероризмот има силна соработка со земјите од регионот и меѓународната заедница, како и стратешките партнери – ЕУ, Советот на Европа, САД, НАТО, ИОМ, ОБСЕ и други меѓународни организации.

Спонзорирано: