По повод 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје, „Вардар филм“ во Кинотеката на Северна Македонија ќе го промовира проектот „Тајните архиви на Скопје“ со проекција на филмски колаж од стари снимки од домашните архиви на жителите на овој град.
Проектот има за цел да ги зачува и афирмира материјалното, духовното и културното наследство на град Скопје преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8 мм и супер 8 мм) снимени од граѓани во форма на аматерски материјал.
Бидејќи денес 8-милиметарските проектори се музејски ескпонати и ретко кој умее да направи проекција на филмска лента со соодветен проектор за нејзиниот формат, овие снимки од дамнешното минато, историски, а сепак интимни и семејни, неповратно ќе исчезнат, ќе се заборават. Затоа треба да се дигитализираат, да се преснимаат и конвертираат во дигитален формат, за да останат достапни за новите генерации и новите технологии. Дигитализацијата на филмовите што ќе се прикажат е извршена во Кинотеката.
Процесот на реализација на овој проект запончна по пат на јавен повик, по што пристигнатите 8 и 8мм ленти беа дигитализирани, па со монтажа на слика и звук е изработен колаж од снимки кои ќе бидат прикажани на 13 ноемвери, во 18.00 часот во киносалата на Кинотека.
Колажот „Тајните архиви на Скопје“ е емотивна филмска приказна за градот и неговите жители, раскажана низ четири годишни времиња преку снимките направени и забележани од обични граѓани. Идејата на носителот на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, да не се врши измена во монтажата, туку да се прикажат во реално светло – монтирани и режирани од самите творци и протагонисти децении наназад.
Проектот го реализираа Катерина Габунија, како проект координатор, Александар Трајковски – дигитална обработка, Сашко Потер Мицевски – тон-мајстор и Дарко Ристевски – наратор.