12.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Филмови од приватната збирка на Милчо Манчевски ќе бидат прикажани во Кинотека

Оваа година Кинотеката на Северна Македонија по повод Светскиот ден на аудиовизелно наследство ќе прикажува филмови од приватната збирка на режисерот Милчо Манчевски. Филмовите на 35мм лента и во ДЦП формат беа донесени од Њујорк во Скопје, и ќе останат на трајно чување во филмските депоа на Кинотеката.

Меѓу филмовите се наоѓаат и 35мм копии на сите играни филмови на Манчевски, а истите ќе бидат прикажани во текот на месец ноември во киносалата на Кинотеката. На 2 ноември ќе има проекција на копијата од Бикини мун (2017), на 3 ноември проекција на Мајки (2010), на 12 ноември ќе може да се погледне Сенки (2007), а на 15 ноември Прашина (2001).

Во Кинотеката по повод донацијата и по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство во ноември Манчевски свечено ќе ги отстапи на чување и користење овие филмови на Кинотеката. Заради презафатеност овие денови, и премиерните прикажувања на неговиот најнов игран филм ВРБА на филмскиот фестивал во Рим и македонската премиера која предстои на почетокот на ноември, режисерот Манчевски се уште не може да го прецизира точниот датум на неговото гостување во Кинотека, и останува за истото накнадно да ја известиме јавноста. Во секој случај, тоа ќе се случи околу 10 ноември.

Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а денес во негова реализација учествуваат Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви (CCAAA – Coordinating Council of Audiovisual Archives Associations) и осум други сродни меѓунарони организации (меѓу кои и ФИАФ, кадешто членува Кинотеката на РСМ), а во чест на луѓето и институциите кои работат на зачувување на аудиовизуелните материјали, односно на аудиовизуелното налседство за идните генерации. Аудиовизуелни архиви (кинотеки, филмски архиви, музеи, библиотеки итн.) од цел свет во периодот околу 27 октомври на различни начини го одбележуваат овој ден-паметник преку организација на различни настани, проекции, изложби, дискусии итн, со цел да ја подигнат јавната свест за ранливоста на овие материјали и нивното значење за колективната меморија.

Мотото на годинешното одбележување е „Вклучи го минатото преку слика и тон“, што во слободна интерпретација би значело сето она што во минатото е впишано, снимено, забележано на аудиовизуелен медиум, што се чува во архивите, збирките, музеите, да се употреби, примени, вклучи во сегашноста и секојдневното живеење

Оттаму и филмовите на Манчевски ќе бидат прикажани во чест на аудиовизуелното наследство, бидејќи со самото нивно депонирање во Кинотеката на РСМ, нивното значење за македонската кинематографија и успех во светот, за нашата култура и народ претставуваат аудиовизулно наследство.

Спонзорирано: