Регистарот на населението ќе биде алатка што ќе го помогне спроведувањето на пописот, а податоците од Регистарот ќе бидат искористени и за прочистување на Избирачкиот список, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Централниот регистар на населението денеска беше пуштен во употреба, а овозможува собирање податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки. Регистарот им овозможува на институциите што работат со личните податоци на граѓаните тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните, без потреба од рачно одржување и ажурирање.
„Регистарот на населението содржи податоци што се унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. На овој начин, со пуштање во употреба на Регистарот, граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во разни институции и дата-бази“, истакна министерот Манчевски.
Тој рече дека Регистарот на граѓаните ќе биде основа за креирање единствен електронски број на граѓанинот. Понатаму, овој број ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите. Секој граѓанин, рече Манчевски, има право да ги знае своите лични податоци содржани во Регистарот.
Манчевски рече дека МИОА воведува нова услуга со која секој може да провери кои податоци се запишани во него.
„Секој граѓанин има право да знае кој ги користи неговите лични податоци. МИОА воведува нова услуга со која секој може да побара информација за тоа која институција, кога и поради која причина ги користела податоците од Регистарот за граѓанинот. Понатаму, Регистарот на населението ќе биде алатка што ќе го помогне спроведувањето на пописот, а податоците од Регистарот ќе бидат искористени и за прочистување на Избирачкиот список“, рече Манчевски.
Министерот Манчевски даде осврт и на целиот процес на дигитализација на јавната администрација.
„Регистарот на населението е основата без која дигитализацијата на јавната администрација беше невозможна. Податоците впишани тука се дел од националниот портал за е-услуги, кој исто така многу бргу ќе биде пуштен во употреба. Сè што досега беше синоним за досадни, долги, фрустрирачки редови на чекање, од следниот месец ќе почнува постепено да биде заменето со неколку кликови на порталот за е-услуги, и тоа од вашиот компјутер или мобилен. Реформата на јавната администрација со цел обезбедување побрзи и поквалитетни услуги на граѓаните може да се реализира само со помош на дигитализацијата. Од денеска можам со задоволство да кажам дека тој процес е конечно во фаза на континуирана реализација и имплементација“, заклучи министерот Манчевски.