24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел започнаа празничните свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Скопје, Прилеп и Куманово

Со положување цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел започнаа празничните свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Скопје, Прилеп и Куманово.

Во знак на сеќавање и почит за учесниците во народното востание и народно-ослободителната војна делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од заменик претседателот во Владата на Република Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев, заедно со Нина Ангеловска, министерка за финансии и Дамјан Манчевски, министер за администрација и информатичко општество, положи свежо цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје.

Во Прилеп свеченостите за одбележување на празникот ќе се одржат пред споменикот на на Методија Андонов-Ченто и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу, како и на Могилата на непобедените.

Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во Прилеп ќе ја предводи министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции.

Содржините за одбележување на 78 годишнината од денот на народното востание на македонскиот народ против фашизмот и за македонска државност во Куманово ќе започнат со положување свежо цвеќе на Спомен – Костурницата.

Владината делегација во Куманово ќе ја предводи Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, заменик претседателот во Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, Арбер Адеми, министер за образование и наука и Зорица Апостолска, министерка без ресор, задолжена за странски инвестиции.

Во рамките на свечената програма за одбележување на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“ во Куманово е предвидено и обраќање на премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и членови на Владата ќе присуствуваат и на свеченоста во Собранието на Република Северна Македонија по повод доделувањето на високата државна награда „11 Октомври“.

На сите свечености по повод одбележувањето на државниот празник „11 Октомври – Ден на народното востание“, ќе земат учество членови на Сојузот на борците, дипломатскиот кор во нашата земја, и претставници на општествените и граѓанските организации во земјата.