Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Ова се првите детали: 10 илјади семејства во Тетово, Битола, Кичево и Скопје ќе добијат по 1000 евра за набавка на клима инвертери

На денешната заедничка прес-конференција, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули ја презентираа еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинства во општините Битола, Кичево, Тетово и Градот Скопје. Субвенционирани, со по 1000 евра ќе бидат 10 илјади семејства кои користат енергетски неефикасни уреди за греење на тврдо и фосилно гориво, со што сериозно влијаат на загадувањето на воздухот. Информацијата за оваа мерка беше разгледана и усвоена на вчерашната редовна 158 седница на Владата на Република Северна Македонија.

На прес-конференцијата премиерот Зоран Заев информираше дека Владата е силно посветена на справување со изворите на загадување на воздухот како единствено правилен пристап во решавањето на проблемот со аерозагадувањето.

„Домашните и меѓународните истражувања спроведени во изминатиот период потврдија дека дури 90% од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од затоплувањето“, истакна премиерот Заев, објаснувајќи дека од таа причина покрај активностите предвидени во Планот за чист воздух, како една од клучните мерки против загадувањето на воздухот, на предлог на Министерството за животна средина е прифатена еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди за домаќинствата кои се греат на дрва или на други нееколошки енергенси и уреди.

„Квалитетна и здрава животна околина е еден од основните предуслови за квалитетен живот на сите граѓани во Северна Македонија, и во исто време клучна заложба на Владата“, истакна премиерот Заев.

Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев истакна дека Владата донесе одлука масовно и радикално да делува во најзагрозените градови и реони во градовите Скопје, Битола, Тетово и Кичево. Тој го посочи успешното и домаќинското работење на Владата и АД „Електростопанство“ на Северна Македонија, пришто во енергетското претпријатие се направени значителни заштеди во изминатите две и пол години, а со овој проект тие заштедени средства се насочени токму кон граѓаните и кон заштита на животната средина.

„Овој проект секако не е замена за гасификацијата, бидејќи во Скопје особено, а и во Битола се детерминирани региони кои имаат пристап до топловодна мрежа и понатаму нив ќе ги стимулираме да се развиваат на топловодна мрежа. Оние коишто ќе имаат пристап до гасификација, ќе се развиваат на гасификација, но има анализи кои покажуваат дека најекономично и исплатливо за одредени региони, коишто во моментот значително се загадени е да се развиваат токму на принцип на имплементација на инвертер клими. АД ЕСМ во изминатите 2 и пол години покажа одлични резултати. Мислам дека е момент да потенцираме дека во нашата држава не се покачи цената на електрична енергија. Напротив се воведе евтината тарифа. Цената на топловодно греење се намали, клучните енергенси во државата кои имаат допир до сите граѓани апсолутно ги задржаа и намалија своите цени, но важно е да потенцираме дека притоа ЕСМ не направи загуби, туку направи добивки. Граѓаните тоа треба да го знаат, тоа е државно претпријатие и на неговите сметки има над 43 милиона евра акумулирани добивки, а многу повеќе, речиси двојно акумулирани ликвидни средства. Дел од овие средства АД ЕСМ како одговорна компанија ќе ги сподели со граѓаните, оваа година 10 милиони евра и со тоа очекуваме дека значително ќе влијаеме на решавање на проблемот. Утопија е ако мислиме дека проблемот може да се реши во една година, но мораме да стартуваме со порадикални мерки како оваа, што во иднина треба да прераснат во законски решенија кои законски ќе ги супституираат начините на греење кај граѓаните, но на граѓаните не можеме да им забраниме ако притоа не им понудиме алтернатива“, појасни вицепремиерот Анѓушев.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини во своето обраќање ги повика граѓаните активно да учествуваат во реализацијата на мерките за намалување на загадувањето на воздухот, нагласувајќи дека само доколку дејствуваме заедно ќе можеме да ги постигнеме саканите резултати.

„Секој наш правилен чекор во намалувањето на загадувањето ќе има позитивен ефект и обратно“, изјави Нуредини.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање ,Јани Макрадули уште еднаш ја нагласи подготвеноста на Владата да се справи со аерозагадувањето со директно делување изворите на загадувањето. Тој подетално ги презентираше податоци добиени од анализите врз основа на кои се дојде до креирање на ова еколошка мерка. Исто така, Макрадули се повика и на странски искуства и на позитивните резултати.

Заменик-министерот Макрадули ги посочи и општините кои се дел од овој процес и нивната подготвеност за целосна соработка во имплементација на мерката.

 

„Сите општини се сложија да формираат посебни канцеларии за комуникација и поддршка на процесот“, изјави Макрадули.

Со цел да се обезбеди транспарентност и инклузивност во реализацијата на мерката, на покана од Владата, ќе бидат вклучени две граѓански еколошки организации номинирани од Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор.

Во тренд