24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Притвор за таткото и синот од Албанија, кои беа фатени со 50 килограми марихуана

Основното јавно обвинителство Велес донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица – државјани на Република Албанија, поради постоење на основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

„Двајцата осомничени, татко и син, по претходен договор и во заедница, на 6 октомври неовластено заради продажба пренесувале марихуана во вкупна количина од 44,742 кг. Дрогата, спакувана во 45 пакувања, осомничените ја пренесувале во патнички автомобил марка ‘опел мерива’ регистарски ознаки од Република Албанија. При вршење контрола на возилото од страна на царинските службеници на граничниот премин Богородица биле пронајдени 25 пакувања марихуана сместени во посебно изработен простор – бункер под задните седишта и по 10 пакувања дрога сместени во посебно изработени простори – бункери под возачкото и совозачкото седиште“, соопшти Обвинителството.

Имајќи ги предвид висината на запретената казна и можноста осомничените да го повторат кривичното дело, како и тоа дека осомничените се странски државјани и немаат живеалиште во Република Северна Македонија, надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат законски основи за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена.