Според последните податоци објавени на сајтот на Централната изборна комисија на Косово, на вонредните парламентарни избори на Косово најмногу гласови има освоено партијата Самоопределување на Албан Курти, партија која е во опозиција. И опозициската Демократски сојуз на Косово на Исa Мустафа, која е на врвот на листата од партиите кои имаат најмногу гласови, вечерва слави победа. Победа прогласи и Демократската партија на Косово на Кадри Вејсели и Хашим Тачи.Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај освои само 12,3 проценти.
Резултатите од 70 проценти од преброените гласови на предвремените парламентарни избори во Косово покажуваат дека во водство е Самоопределување со 26% од гласовите пред ДСК на Иса Мустафа со 25,35%. Следува ДПК, со освоени 21,65%.
Гласачките места беа отворени од 7 до 7 часот во 38 косовски општини. Гласањето се одвиваше во 895 избирачки центри со вкупно 2.547 избирачки места и околу 1,9 милиони избирачи со право на глас. Одѕивот е највисок до сега – над 44 проценти.
На овие избори, според одлуката на Централната изборна комисија, беа користени само важечки косовски документи, додека порано беше можно да се гласа и со српски документи.
На изборите се натпреваруваа 25 политички субјекти, од кои четири се коалиции, 20 политички партии и еден независен кандидат.Овие парламентарни избори се седми по ред од војната на Косово во 1999 година. Четвртите избори од прогласувањето на независноста во 2008 година беа свикани откако Харадинај поднесе оставка, бидејќи беше повикан во Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг за да се испита неговата улога во војната во 1998-99 година.