24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Криминалната власт ја крие вистината со закани кон медиумите

Криминалната банда на власт се плаши од вистината за нејзиното владеење и поради оваа причина врши притисоци и им се заканува на медиумите, велат во соопштение од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Како пример за ова од таму го наведуваат случајот со пратеникот на СДСМ, Александар Кирацовски, кој, како што велат, лично го тужи директорот на „Прва Република“ за текст објавен на порталот „Република“ во кој се пренесува туѓ став.

„За жал ова не е изолиран случај па така откако Заев и речиси целиот државен врв најавија тужба за уредникот на порталот „Инфомакс“, Александар Митовски, наредбата ја спроведе Јовевски и обвинителството. Митовски заработи кривична пријава за наводно оддавање на службена тајна откако ја објави вистината за најголемата криминална афера во историјата на Македонија, аферата „Рекет“, стои во партиското соопштение.

Во него исто така се наведува дека полицијата влегла и во редакцијата на порталот „НетПрес“ поради објавен текст за аферата „Леонардо“ во која лично е вмешан, како што се вели, еден од најблиските соработници на Зоран Заев, Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.

Од ВМРО-ДПМНЕ најостро ги осудуваат нападите врз медиумите и потсетуваат дека слободата на говор е еден од основните постулати на ЕУ кон чие членство се стреми Република Македонија.